„Форин полиси“: Трамп може да биде присилен од Конгресот да воведе санкции за Турција


САД – Американскиот претседател, Доналд Трамп, долго време одбиваше да воведе санкции против Анкара во врска со набавката на рускиот противракетен систем С-400, но Конгресот може да го смени тоа и да ја принуди неговата администрација да изрече казни што се одамна предвидени, наведе списанието „Форин полиси“.

Капитол Хил долго време вршеше притисок врз Трамп да воведе задолжителни санкции кон Турција, откако Анкара во јули 2019 година го купи рускиот противракетен систем „С-400“.

САД брзо реагираа на овој потег со отстранување на Турција од програмата за борбените авиони „Ф-35“. Меѓутоа, администрацијата на Трамп ги закочи санкциите против Анкара, додека некои сојузници на американскиот претседател во заминување ја повикаа Турција да не го активира рускиот противракетен систем.

Пентагон предупреди дека „С-400“ може лесно да ги идентификува и соборува борбените авиони „Ф-35“.

Законот, што предвидува пакет од пет или повеќе санкции, му дава на Трамп флексибилност самиот да утврди колку казните ќе бидат строги.

Два извори запознаени со ситуацијата велат дека таа најверојатно ќе се разреши со воведување поблаги санкциите за Анкара, што ќе вклучат казни за застапништво на одбранбени индустрии во Турција, додека претседателот Реџеп Тајип Ердоган и неговото семејство може да бидат поштедени. Исто така, може да се избегне воведување строги санкции кон турските банки, за кои експертите тврдат дека може да нанесат катастрофален удар врз економијата на земјата, како и пошироки земјотреси во Европа.

Експертите тврдат дека администрацијата на Трамп може да биде принудена конечно да воведе санкции кон Турција, откако Анкара во октомври го тестираше рускиот систем за противракетна одбрана, што доведе до осуда од Пентагон.

Законот за овластувања за националната одбрана, доколку биде усвоен од Претставничкиот дом, може да го принуди Трамп да воведе санкции кон Турција. Санкциите за Анкара, исто така, може да изрече и новоизбраниот претседател Џо Бајден откако ќе стапи на должноста во јануари.