„Форд“ најави продажба на е-пикап, резервирани сите модели за следните 3 години


Следната година ќе започне продажбата на пикапот на Форд, кој досега го резервирале дури 200.000 луѓе

Годинава „Форд“ ја претстави електрична варијанта на својот легендарен пикап F-150, кој ќе се најде во продажба следната година. За оние кои сакаат што побрзо да влезат во овој автомобил, „Форд“ ја отвори можноста за резервација, а уште од првиот ден беше јасно дека F-150 Lightning ќе биде голем продажен хит.
Имено, првиот ден бројот на резервации достигна 20 илјади, додека по 2 дена бројката беше 44 илјади.

Иако заинтересираноста за резервации генерално опаѓа со текот на времето, во случајот со електричниот пикап на „Форд“ таа остана голема и компанијата објави дека бројот на резервации достигнал дури 200.000, јави Ројтерс, пренесува Дневник.хр.

Со оглед на тоа што производствениот капацитет за овој автомобил е меѓу 70 и 80 илјади возила годишно, јасно е дека нивните капацитети за следните 3 години се исполнети. Поради таквата голема побарувачка, „Форд“ има намера да го зголеми или удвои својот годишен производствен капацитет во следните две години. Тие, исто така, го прекинаа примањето на дополнителни резервации бидејќи секој што ќе го резервира електричниот пикап на „Форд“ денес ќе мора да почека најмалку до 2024 година до неговата испорака.
„Не сакаме да ги произведуваме овие возила во шатори“, се пошегува извршниот директор на „Форд“, Џим Фарли, потсетувајќи на шаторот што го додаде „Тесла“ кога ја прошири производствената фабрика во Фримонт пред неколку години. Наместо тоа, тие ќе ги зголемат производствените капацитети во нивната постоечка фабрика за да може понудата на нивните возила да биде во чекор со побарувачката.