„Форбс“ не ja правел ранг листата што ја објави


Фото: Б. Грданоски

Листата на безбедни земји која крена многу врева, не е резултат од истражување на „Форбс“, туку на цитирани податоци од истражување на организацијата Deep Knowledge group.  Во изминитиве неколку дена партиски лидери и аналитичари жестоко ги критикуваа македонските биланси од Ковид- 19, повикувајќи се на реномираниот „Форбс“, кој Северна Македонија ја сместил на 103-то место, надвор од групата на сто најбезбедни земји во време на пандемијата на коронавирусот.

„Форбс вели”, „Форбс оцени”, „Форбс не е кој било“… Со ваков вовед се редеа критиките засновани врз авторитетот на истражувачите.

Случајно или нe, до денес никој не седна сериозно да го разгледа тоа истражување, односно наводните 130 квантитативни и квалитативни критериуми, низ кои било изведено рангирањето. Оној што би одвоил барем малку време за тоа, ќе се соочеше со еден ноторен факт: дека тоа не е истражување на „Форбс”, туку „Форбс” само го пренесува/цитира. Како што може да го цитира кој било медиум, компанија или организација во светот. Но, кога ќе се спомне „Форбс” како „извор“, веројатно тоа звучи многу поубедливо. Вината воопшто не е во „Форбс“, бидејќи под објавените графикони од истражувањето професионално е наведен изворот на податоците: „според Deep Knowledge group“.

Тоа е името на организацијата која го направила рангирањето. За разлика од нељубопитните Македонци, и од македонските здравствени власти кои одговараат на разни критики за „рангирањето од Форбс”, во други земји ова истражување е ставено под сериозна лупа. Бугарскиот весник „24 часа” нотира дека станува збор за организација непозната во светските научни кругови и дека нивната веб-страница dkv.global изобилува со огромен број убави графикони кои создаваат впечаток на експертност. Притоа прави една логична споредба: „Интересно е што од класификацијата произлегува дека Шпанија, која до 8-ми јуни има 241.550 случаи на заболени од корона вирусот, (шеста во светот и втора во Европа по најмногу заразени) подобро се справува од Бугарија“.

Со тие бројки и состојби Шпaнија е на 45 место, а Бугарија сo вкупно 2.810 случаи на заболени до денеска (во време на истражувањето бројката била и многу помала), е рангирана на 48-то место.

Според јавно достапни податоци, Deep Knowledge group (ДКГ) е сопственост на инвестициска компанија Deep Knowledge Ventures, основана во 2014 година во Хонконг, во сопственост на рускиот бизнисмен Дмитриј Камински, а со деловни интереси во истражувања на болести, стареењето и регенеративната медицина.

Рангирањето е објавено уште во април, па сега има разни теории зошто истражувањето добило гласност на Балканот во јуни. Весникот „24 часа“ потсетува дека уште во април весникот „Times of Israel“ објавил анализа со бројни сомнежи за рангирањето и за „чудната сага со интересно потекло“. Дел од тие сомнежи произлегуваат од фактот што на веб-страницата нa истражувачката организација ДКГ не е објаснета користената методологија, а е наведено дека податоците се собрани од јавно достапни извори, Светската здравствена организација, неколку универзитети, и дека не презема одговорност за точноста на табелата.

Како што е веќе познато, првите места во ова рангирање им припаднаа на Швајцарија и Германија, на трето место е Израел, следат Сингапур, Јапонија, Австрија и Кина, која е на седмото место.

Од регионот нa листата најдобро беше позиционирана Словенија – на 32 место, Грција на 34, Хрватска на 36, Црна Гора на 42 место. Србија е рангирана на 54 место, БиХ на 72, а Албанија на 88 место. САД се на 58 место, а Русија на 61 место.