Форбс: Кајли Џенер и Кање Вест пак со најголема годишна заработка 

САД– Во изминатата деценија листата на Форбс за најбогатите познати личности претрпе многу промени. Најплатените светски ѕвезди годинава заработија вкупно 6,1 милијарда долари, што е пад од 200 милиони долари во споредба со лани.

Со оглед на рецесијата и економската криза со којашто се соочува целата планета, најбогатите не се многу „оштетени“, според познавачите.

Податоците на Форбс покажуваат дека Кајли Џенер и Кање Вест останаа на врвот на оваа листа. Кајли заработи 590 милиони долари благодарение на своите козметички производи, а на Кање договорот со Адидас му донесе 170 милиони долари.

Познати спортисти ги зазедоа местата подолу. Роже Федерер заработил 106 милиони долари, Кристијано Роналдо – 105 милиони долари, а Лионел Меси – 104 милиони долари. Кога станува збор за светот на филмот и музиката, најголеми суми пари заработија Двејн Џонсон – 87,5 милиони долари и Аријана Гранде – 72 милиони долари. Високо рангирани се и Рајан Рејнолдс, кој заработи 71,5 милиони долари и братската поп-група „Џонас брадерс“, кои годинава се побогати за 68,5 милиони долари.

Форбс сподели и кратко видео коешто покажува како списокот најбогати се менуваше изминатово десетлетие. Така, познатата водителка и глумица Опра Винфри од 2010 до 2012 година го задржа првото место со заработка од 300 милиони долари, а годините потоа неа ја сменија Мајкл Беј, Стивен Спилберг и Мадона.

Во средината на деценијата, најбогат беше раперот Д-р Дре, кој успеа да заработи повеќе од половина милијарда долари. „Престолот“ потоа го презеде Тејлор Свифт, Диди, па Кајли Џенер, која никој од славните сè уште не успеа да ја престигне со својата годишна заработка.