Форбс: Двејн Џонсон е најплатен актер во светот


САД- Двејн „Карпата“ Џонсон е повторно најплатениот актер во светот според магазинот „Форбс“, пренесува „Франс прес“. Тој заработил 89,4 милиони долари во последните 12 месеци.

Со тој приход, тој се враќа на првото место на рангирањето, на кое беше на врвот за последен пат во 2016 година.

Голем дел од приходите на „Карпата“ се резултат на успехот на филмот „Џуманџи: Добредојдовте во џунглата“. Тој, исто така глуми во неколку филмови во серијалот „Брз и бесни“, вклучувајќи и во најновиот дел „Хобс и Шоу“.

„Тој е sвезда што ја ангажирате ако сакате вашиот филм да заработи пари. Секогаш работа, неуморен е“, вели аналитичарот Пол Дергарабедјан.

Приходите од Холивуд се далеку од единствените пари што ги прави Двејн. 47-годишниот актер учествува во телевизиското шоу „Играчите“ на ХБO, а работи и како ко-водител на „Игрите на Титаните“ на Ен-Би-Си.

Покрај тоа, актерот има многу профитабилна линија на фитнес облека, како и голем број на договори за рекламирање.

Второто место на ранг-листата по приходи на „Форбс“ е Крис Хемсворт. Австралиецот заработил 76,4 милиони долари, најмногу од неговото учество во филмскиот серијал „Одмаздници“.

Следат: 3. Роберт Дауни Џуниор – 66 милиони долари,  4. Акшај Кумар – 65 милиони долари, 5. Џеки Чен – 58 милиони долари, 6. Бредли Купер – 57 милиони долари,

7. Адам Сендлер – 57 милиони долари, 8. Крис Еванс – 43 милиони долари, 9. Пол Рад – 41 милиони долари и 10. Вил Смит – 35 милиони долари.