Фонтаните ќе проработат од следната недела


Фонтаните во централното градско подрачје во Скопје, на плоштадите „Македонија“, „Филип Втори“ и „Пресвета Богородица“, треба да профункционираат од следната недела. Засега, сликата од фонтаните е жална. Суви, полни со ѓубре, го одвраќаат погледот на минувачите. Директорот на „Водовод и канализација“ за нивно одржување ќе плати приватна фирма.

– Согласно одлуката на Советот на Град Скопје, одржувањето на фонтаните во централното градско подрачје го презеде ЈП „Водовод и канализација“ бидејќи тоа е најстручно за оваа проблематика. Фонтаните изминатиов период не беа пуштени во употреба поради одредени оштетувања на нив, како и поради циклонските активности што беа најавени дека ќе ја погодат земјава – велат од Град Скопје за „Независен весник“.

Изминатиов период екипи на ЈП „Водовод и канализација“ поправаа дел од механизмите во подземните нивоа на фонтаните и, според најавите на претпријатието, тие треба да бидат готови во текот на наредната недела.

Дополнително, во наредниот период ЈП „Водовод и канализација“ треба да започне постапка за избор на компанија која ќе асистира во одржувањето на фонтаните. И прскалките од површинската фонтана на плоштад „Македонија“ ќе профункционираат сезонава откако лани не работеа оти немаше избрано фирма што ќе ги одржува.

Инаку, одржувањето на фонтаните од 2013 година го вршеше Градот Скопје, за што беа склучени неколку договори со ДГ „Бетон“ и од градскиот буџет се одвојуваа од 25 до 30 милиони денари годишно. Со одлука на Советот на Град Скопје, фонтаните за чување, одржување, заштита и користење се отстапуваат на ЈП „Водовод и канализација“, чија основна дејност е собирање, пречистување и дистрибуција на вода за пиење, како и одведување на урбани отпадни води, обезбедување здравствено исправна вода за пиење неопходна за животот на граѓаните.

Така, во надлежност на ЈП „Водовод и канализација“ потпаднаа фонтаната „Воин на коњ“, подната фонтана на плоштад „Македонија“ (Матрикс), фонтаните на плоштад „Филип II“ (Карпошово востание), мостот „Око“,на плоштадот „Богородица“, во паркот „Жена борец“ и на плоштадот ВМРО.