Фондот за здравство е хакиран со помош на вирусот „ransomware“, вели Ковачевски


Фото: Б. Грданоски

ИТ системот на Фондот за здравство е хакиран со помош на вирусот „ransomware“, а хакерите бараат откуп за да го ослободат. Ова го откри премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес конференција.

-Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи, рече премиерот.

Ransomware е малициозен софтвер кој користи шифрирање за да ги заклучи информациите на жртвата и потоа за нивно ослободување да се бара откуп. Критичните податоци на корисникот или организацијата се шифрираат за да не можат да пристапат до датотеки, бази на податоци или апликации. Потоа се бара откуп за да се обезбеди пристап. Ransomware често е дизајниран да се шири низ мрежата и да таргетира сервери за бази на податоци и датотеки, и на тој начин може брзо да ја парализира цела организација.

Експерти и професионалци од Германија работат со тимовите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) за да се реши проблемот со хакерскиот напад на нивниот систем, поради кој доцнат платите за јануари на вработените во јавното здравство, како и исплатата на породилните остсуства, боледувањата и рефундациите на лекови, изјави вчера премиерот Ковачевски. Здравствените работници земаат плата на 10. ден во месецот, а законскиот рок за исплата истече и течат каматите.

 

„Синоќа разговарав со министерот за финансии да се изнајде начин, бидејќи тие во наредните денови ќе имаат решение. Меѓутоа, свесен за тоа дека вработените немаат земено плата, а дека имаат свои обврски по кредитни, дебитни картички итн., разговаравме да може да се направи исплата преку Централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗОМ“, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на новата градинка во Волково.

Фондот денеска соопшти дека во координација со јавните здравствени установи, се очекува потребната документација за исплата на плати да се прибере најдоцна до понеделник, за што поскора исплата на платите на здравствените работници.

„Доколку сите ЈЗУ го исполнат овој рок, согласно протоколот за исплата на плати, иплатата се очекува да биде веќе наредна недела“, велат од Фондот.