Фондот за обнова на ЕУ е „апсурден“, вели Орбан


Унгарскиот премиер се жали дека шемата ќе значи „финансирање на богатите од парите на сиромашните“

 

Предлогот на Европската комисија да се распредели голем дел од фондот за обнова од 750 милијарди евра на релативно добростоечките земји е „апсурден и перверзен“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот.

„Финансирањето на богатите од парите на сиромашните сметам дека не е добра идеја“, рече Орбан пред државнoто радио Кошут.

Според предлогот на Комисијата, обелоденет оваа недела, ЕУ ќе собере 750 милијарди евра на пазарите и ќе ги дистрибуира парите како мешавина на грантови и заеми на земјите-членки. Унијата ќе ги враќа грантовите над 30 години, почнувајќи од 2028 година.

Најголем корисник на планот ќе биде Италија, која би можела да добие пристап до 172,7 милијарди евра од 750 милијарди евра. Шпанија ќе биде втора по големина корисник, која ќе добие максимум 140,4 милијарди, а потоа следува Полска со 63,8 милијарди евра.

Унгарија би можела да добие право за вкупно 15 милијарди евра – грантови од 8,1 милијарди евра и заеми од 6,9 евра.

„Ситуацијата е дека новиот систем на дистрибуција што ни го претставија е апсурдно и перверзно решение, затоа што им дава повеќе ресурси на богатите отколку на сиромашните“, рече Орбан.

И покрај тоа што истакна дека има потреба да се проучи предлогот на Комисијата, Орбан изрази загриженост за Унгарија што учествува во гарантирање на заемот од ЕУ.

Предлогот би значел „вие како унгарски државјанин да преземете одговорност за отплата на грчкиот, италијанскиот или францускиот долг и ако не можат, вие ќе го вратите“, рече Орбан. (Политико)