Фондацијата „Ставрос Ниархос“ со 6.9 милиони евра им се заблагодарува на лекарите во Грција за битката со Ковид-19


Грција – Практично, со 6.9 милиони евра, Фондацијата „Ставрос Ниархос“ одлучи да им се заблагодари на над 4.600 лекари, болничари и хигиеничари во болниците за Ковид-19 во цела Грција за нивната битка со новиот коронавирус, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Фондацијата соопштуваат дека финансиската поддршка ќе биде еднакво распределена на сите вработени во Одделите за интензивна нега, како и за оние од клиниките за третман на Ковид-19 во 40 болници низ цела Грција. Велат дека сите, без оглед на нивната работна позиција, „го ставија и го ставаат нивниот живот во опасност за да обезбедат грижа за оние на кои им е потребна“.

-За нас, поддршката на сите лекари, болничари и хигиеничари, кои што се во првите редови во сите назначени болници за Ковид-19, беше и останува главен приоритет. Во нивните лица гледаме вистински, секојдневни херои, кои ги ризикуваат своите животи за да ги спасат животите на другите. Овој гест на благодарност, кој ќе биде поделен подеднакво на сите, е практично „благодарам“ од сите нас. Тоа е најмалку што можеме да сториме за сите оние што нудат толку многу “, вели Андреас Дракопулос, претседателот на Фондацијата „Ставрос Ниархос“.