Фон дер Лајен: Северна Македонија е светол пример

Кандидатката за претседател на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на претставувањето пред политичките фракции во Европскиот парламент ја пофали Северна Македонија како светол пример.

Западниот Балкан мора да се сфати посериозно, а Северна Македонија е светол пример за позитивни постигнувања, порача кандидатката за претседател на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен за време на состанокот со европските либерали, пишуваат германските медиуми, јавува Дојче Веле на македонски јазик.

Фон дер Лајен, како што пренесуваат, се заложила за отворени врати кон земјите од источна Европа и Западниот Балкан кои сакаат членство во ЕУ и особено ја потенцирала Северна Македонија како „светол пример“ за тоа, „што е можно да се постигне, кога луѓето пред себе имаат јасно поставена цел- во случајот членството во ЕУ.“ и изразила уверување дека мора посериозно да му пристапат на Балканот.

Таа деновиве се обидува да добие поддршка од парламентарните групи во Европскиот парламент за нејзината кандидатура. За да застане на чело на Комисијата потребно и е мнозинство гласови од вкупно 751 пратеници во парламентот.

Фон дер Лајен ја посети Северна Македонија во септември 2018 година, непосредно пред одржувањето на референдумот за името, тогаш како германска министерка за одбрана. Од Скопје, германската политичарка тогаш порача дека посакува „обединета и единствена Европа“, давајќи притоа поддршка за успех на референдумот.