Фон дер Лајен: Пораст на компјутерскиот криминал во период на пандемија

Белгија– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска предупреди за пораст на компјутерскиот криминал, кој ги користи стравувањата од новиот коронавирус за продажба на фалсификувани лекови и опрема.

– Многу Европјани мора да останат дома за да се намали ширењето на коронавирусот. Луѓето затоа работат од дома и поминуваат многу време на Интернет. За жал, криминалците го користат тоа, не следат на Интернет и ја искористуваат нашата загриженост поради коронавирусот. Нашиот страв за нив е деловна можност, рече Фон дер Лајен во видео-порака.

Во врска со тоа прашање, таа разговарала со извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол.

Според Фон дер Лајен, количината на фалсификувани лекови, спрејови за дезинфекција или „магични лекови“ е „зачудувачки голема“, особено за копии на хируршки маски.

– Размислете двапати за тоа кои лекови ги купувате преку Интернет и од каде доаѓаат. Не инсталирајте апликации кои ветуваат дека можат да ги следат вашите симптоми или ширењето на вирусот, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека доколку се најде вакцина за Ковид-19, тоа ќе биде официјално објавено.

Во текот на изминатите неколку недели, започна глобална операција против кибер криминалот, во која учествуваа 90 земји. Притоа беа одземени 4,4 милиони нелегални фармацевтски производи во светот, а беа идентификувани 37 групи на организиран криминал.

Уапсени се 121 лице, а затворени се 2.500 веб-страници, социјални мрежи и онлајн продавници.