Фон дер Лајен побара да почнат преговорите со Македонија и Албанија


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска од Стразбур повика ЕУ да ги почне преговорите за членство со Македонија и Албанија. Лајен зборуваше во Европскиот парламент по излагањето на словенечкиот премиер Јанез Јанша кој ги претстави приоритетите на Љубљана за наредните шест месеци. И Јанша повика земјите од Западен Балкан да бидат примени во ЕУ во оваа генерација за да можат нивните граѓани да ги поддржат неопходните реформи.

„Убедена сум дека самитот со Западен Балкан во октомври ќе им испрати важна порака до сите“, рече Фон дер Лајен.

Таа уште додаде: „Процесот на пристапување на Албанија и Северна Македонија е во наш сопствен интерес. Тоа е исто така прашање на доверба, бидејќи за Европа даденото ветување мора да се исполни“.

Минатата недела за време на Преспа форумот словенечкиот претседател Борут Пахор објави дека оваа седмица ќе патува во Софија за да помогне во наоѓање решение за блокадата на Бугарија. И министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, објави дека една од неговите први посети ќе биде во Бугарија во обид да се реши прашањето за ветото на Софија.