Фон дер Лајен не е оптимистка за компромис за нафтата на вонредниот самит на ЕУ


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на вонредниот ЕУ самит изјави дека компромис е можен за ембарго врз руската нафта подоцна, но не во следните 48 часа, јави дописничката на МИА од Брисел.

Предлогот за санкции врз руската нафта е предлог на институцијата на Фон дер Лајен. Ова е шест предлог санкции против Русија откако почна војната во Украина. До сега сите други пет пакети беа одобрени од страна на земјите членки, но нафтата предизвика поделби помеѓу членките на ЕУ. Најзависните земји од Русија, без излез на море, како Унгарија, се посебно засегнати и за сега кочат.

Пред малку амбасадорите на земјите членки успеаја да се договорат дека треба да се изнајде компромис за ембарго врз нафтата, но модалитетите остануваат неизвесни.

Унгарија, и други, се зависни од нафтоводот Дружба, кој поминува низ Украина.

Претседателката Фон дер Лајен попладнево изјави дека се испеглани сите разлики освен “сировата нафта преку нафтовод“.

-Немам високи очекувања за следните 48 часа, изјави шефицата на Европската комисија за новинарите пред стартот на самитот.

Фон дер Лајен нагласи дека макотрпно се работи на шестиот пакет санкции и на нафтеното ембарго.

-Уште не сме успеале но работите созреаја, очекувањата се мали за следните 48 часа, но имам доверба дека потоа постои можност, мојот повик до сите земји членки е дека единствен пат до успехот е солидарност со Украина и единство на ЕУ, рече Фон дер Лајен.