Фон дер Лајен ќе ја соопшти распределбата на ресорите во Еврокомисијата


Белгија – Советот на Европската унија соопшти дека го утврдил списокот со предложени кандидати за нови еврокомесари што го достави новоизбраната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Таа, денеска на пладне, ќе ја соопшти распределбата на ресорите во новата Еврокомисија, откако вчера и официјално беше потврден нејзиниот состав.

Претстои списокот да биде објавен во Службениот весник на ЕУ. Со тоа процедурата преминува во Европскиот парламент, каде ќе се гласа за номинираните еврокомесари, кои би требало да стапат на должност на 1 ноември со мандат до 31 октомври 2024 година.

Идни еврокомесари ќе бидат: Јоханес Хан (Австрија), Дидие Рејндерс (Белгија), Марија Габриел (Бугарија), Дубравка Шуица (Хрватска), Стела Кириакидис (Кипар), Вера Јурова (Чешка),  Маргрете Вестагер (Данска), Кадри Симсон (Естонија), Јута Урпилајнен (Финска), Силви Гулар (Франција), Маргаритис Схинас (Грција), Ласло Трочањи (Унгарија), Фил Хоган (Ирска), Паоло Џентилони (Италија), Валдис Домбровскис (Летонија), Виргиниус Синкјавичјус (Литванија), Никола Шмит (Луксембург), Хелена Дали (Малта), Франс Тимерманс (Холандија), Јануш Војчеховски (Полска), Елиза Фереира (Португалија), Рована Плумб (Романија), Марош Шефчович (Словачка), Јанез Ленарчич (Словенија), Жилва Јохансон (Шведска), Жозеп Борел (Шпанија), предложен претходно од ЕУ за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Што се однесува на идниот еврокомесар за проширување, меѓу кандидатите се Хрватката Шуица и Словенецот Ленарчич, но и Гркот Схинас, Унгарецот Трочањи и Белгиецот Рејндерс.

Во новата Европска комисија ќе има 13 жени и 14 мажи, меѓу кои осуммина досегашни еврокомесари.