Фон дер Лајен и Кошта го викнале на средба Радев за блокадата на Македонија
Европската унија продолжува да го бара патот за одобрување на преговарачката рамка за Македонија на самитот во јуни и во таа насока денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и португалскиот премиер Антонио Кошта, имале посебна средба со бугарскиот претседател Румен Радев денеска во Брисел. Средбата била на иницијативана Фон дер Лајен и се одржала пред итниот самит на ЕУ поради случајот со белорускиот новинар и присилното приземјување на авионот на „Рајанер“.
Нема многу детали од состанокот, освен соопштението од кабинетот на Радев дека претседателот изјавил дека европската интеграција бара одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедски односи на Балканот.
Според Радев, процесот на проширување на ЕУ бил надворешно-политички приоритет повеќе од 10 години за Бугарија и токму таа била најзаинтересирана за брзиот напредок на нејзината „најблиска земја на Балканот“. Сепак, напредокот во процесот на европска интеграција треба да се заснова на почитување на човековите права и целосно почитување на копенхашките критериуми за членство во унијата, рече Радев.
„Потребни ни се и позитивни примери во билатералните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и директен и отворен билатерален дијалог за решавање на проблемите“, нагласи бугарскиот претседател. Румен Радев го оцени како добар знак претстојното заедничко чествување на делото на Кирил и Методиј од страна на делегациите на Бугарија и Северна Македонија во Рим и повика на „политичка волја од Северна Македонија за постигнување конкретни резултати за проблематични прашања“
Европскиот совет ќе се одржи состанок на 22 јуни, на кој треба да се одобрат рамките за преговори со Северна Македонија и Албанија. Во моментов, Бугарија нема намера да го смени ставот за блокадата на Македонија.
„Привремената влада на Бугарија е подготвена да спроведе активен дијалог со Северна Македонија во оваа насока, како и да разговара за можностите за забрзување на процесот на европска интеграција“, рече Румен Радев. Тој исто така посочи дека секоја можна одлука за започнување преговори за членство во ЕУ од Северна Македонија ќе биде внимателно анализирана и споредувана со Декларацијата на бугарскиот парламент.
Радев денеска изјави дека одеднаш станал „многу интересен за сите европски лидери. Кон Бугарија има големо внимание, нема да го кажам зборот ‘притисок’. Но, да не заборавиме – Бугарија е членка на Европската Унија и тоа значи многу. Ние на другите земји членки ќе им се обратиме за солидарност. Најважно е Бугарија, како одговорна членка, да не дозволи нови проблеми да се внесат во Унијата“.