„Фолтин“, „Ласт експедишн“: „Скопје колинг“ со домашни изведувачи

„Foltin“, „Last Expediton“ и „Pluto’s Doubts“ и „Surprise act“ ќе настапат на петтото јубилејно издание на фестивалот „Скопје колинг“ („SKOPJE CALLING Festival“), што ќе се одржи на 12-ти септември на стадионот на АРМ.

Како што соопшти Авалон продукција, се решиле за пионерите и за младите сили на домашната музичка сцена.

– Бирајќи внимателно, создадовме оргинална и избалансирана комбинација на креативност, свежина и традиција…, со други зборови, на SKOPJE CALLING 2020, MACEDONIA’S FINEST EDITION, оваа година ги имаме: Foltin, Last Expediton, Pluto’s Doubts и surprise act за кој дополнително ќе ве известиме. Pluto’s Doubts се тука да ни ја пренесат новата шармантна скопска авангарда, Last Expedition да ни покажат на што работеле за време на долгогодишната музичка пауза и да не потсетат што значи да се биде „добрата стара школа“, а FOLTIN, со Late Night Cabaret Performance да ни покажат, барем на час и половина, како е да се живее младешки без обѕир, раскошно, блудно и некомерцијално, се вели во соопштението од Авалон продукција.

Оттаму најавуваат дека на 31 август годинава официјално ќе откријат кој ќе биде изненадувањето на фестивалот.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од утре наутро, по цена од 600 денари и можат да се набават на avalon.mk, во нивната продажна мрежа, како и во Avalon Music & Ticket store во ГТЦ.

Фестивалот ќе биде реализиран според сите утврдени и одобрени протоколи од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.