„Фолксваген“ започнува со производство на електрични автомобили во Кина


Три месеци откако објави дека се откажува од изградба на фабрика за автомобили во Турција, вредна 1,3 милијарди евра, „Фолксваген“ неодамна објави дека до 2024 година ќе инвестира 15 милијарди евра во производство на електрични автомобили во Кина, заедно со три кинески компании.

Со новата инвестиција, чија реализација ќе започне овој месец, компанијата ќе стане конкурент на американскиот производител „Тесла“, кој веќе ги лансираше првите возила од својата фабрика во Шангај.

За отворањето на новата фабрика што ќе произведува 300.000 класични автомобили веќе нема ниту збор. Само пред една година, „Фолксваген“ бараше нова локација за фабрика за производство на „пасат“, „супер б“ и „шкода“.

Неколку земји во регионот се бореа за инвестицијата од 1,3 милијарди евра: Србија, Романија, Бугарија и Северна Македонија, но изборот падна на Турција. Сепак, на почетокот на јули годинава германскиот гигант објави дека се откажува од инвестицијата поради падот на побарувачката за нови автомобили предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

„Фолксваген“ оствари оперативна загуба од 800 милиони евра во првата половина на оваа година, додека во истиот период минатата година работеше со профит од 10 милијарди евра.

Од друга страна, побарувачката за автомобили во Кина брзо закрепнува благодарение на купувачите кои сакаат да користат свои возила наместо јавен превоз, соопшти „Фолксваген“, предупредувајќи сепак дека продажбата нема да закрепне толку брзо во другите делови на светот.