„Фолксваген“ почна да тргува со електрична енергија
Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ објави дека почнал да тргува со електрична енергија на берзата Epex Spot, додавајќи дека планира да користи фрлени батерии од е-автомобилите за нејзино складирање. Epex Spot организира купопродажба на електрична енергија со рок на испорака до една недела. Таа е со седиште во Париз и има канцеларии во Амстердам, Берлин, Берн, Брисел, Лондон и Виена.
„Фолксваген“ објави дека почнал да тргува со електрична енергија на Epex Spot, врз основа на систем за складирање составен од фрлени батерии за електрични возила. Првично, пилот-проектот ќе користи 28 батериски системи и 38 ќелиски модули од малиот автомобил E-Up.
Кога цените на електричната енергија се ниски и кога соларната и ветерната енергија се достапни во големи количини, овој систем привремено ќе складира електрична енергија од мрежата. Кога цените се високи и снабдувањето е ограничено, ќе ја врати енергијата во мрежата.
Според Epex, „Фолксваген“ е првата автомобилска групација што влезе во бизнисот со трговија со електрична енергија во Германија. Привременото складирање на енергија од обновливи извори се смета за важен предуслов за транзиција кон зелена енергија.
Другите производители на автомобили веќе користат фрлени батерии како привремено складирање, па во 2017 година БМВ лансираше „фарма“ во Лајпциг со дури 700 BMW i3 батерии за привремено складирање на енергија од четирите турбини на ветер што ги поседува. Од друга страна, „Ауди“ користи литиум-јонски батерии од тест возила во станиците за брзо полнење од крајот на 2021 година.