„Фокус“: МПЦ ќе гради парк со фотоволтаици, а соработник на Орбан гасна централа


Фото: Б. Грданоски

По предлог на Министерството за енергетика, владата го донесе годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година. Од вкупно 284 иницијативи, прифатени се 67 иницијативи со инсталирана моќност поголема од 1 мегават. Доколку сите инвестиции се реализираат, ќе имаат вкупно инсталирана моќност од 4.416 мегавати, а вкупната проценета инвестиција ќе биде 3,74 милијарди евра.

Интересот е толку голем кај бизнисот, посебно оној што е поврзан со политичките елити. Но, голем интерес има и кај политичките функционери за инвестирање во обновливи извори.

Фокус“ во сторија за неделникот објавен на 26 февруари го анализираше годишниот план за изградба на енергетски објекти за производство на електрична и топлинска енергија и складирање електрична енергија за 2026 година, односно провери кој сè ќе инвестира во енергетски објекти во земјава со капацитет над 1 мегават.

Меѓу пријавените инвеститори се и Македонската православна црква и инвеститор од Унгарија, близок човек на Орбан кој ќе гради когенеративна гасна централа.

МПЦ ЌЕ ГРАДИ ПАРК СО ФОТОВОЛТАИЦИ

Парк со фотоволтаици, со инсталирана моќност од 20 мегавати, ќе гради и ТРИНИТИ СОЛАР ДОО увоз-извоз од Охрид. Ова е компанија во сопственост на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која го проширува бизнис-планот со електрична енергија, откако како содружник ја основа фирмата, која во иднина ќе треба да поседува фотонапонска централа.

Соларните панели треба да се инсталираат во долината на охридското село Долно Лакочереј. Вториот сопственик е извесен Ангеле Јаневски од скопски Центар, додека управител е Никола Христоски, име што алудира на секретарот на Дебарско-кичевската епархија.

Митрополитот дебарско-кичевски, Тимотеј, кој воедно е портпарол на МПЦ-ОА, ја потврди информацијата за „Фактор“, но вели дека планот сè уште не е влезен во сериозна фаза. Моќноста и површината на централата ќе зависат од расположливата сума која ќе може да се издвои.

Не е забрането, ниту е чудно тоа што МПЦ-ОА сака да инвестира. А во проектот има и други партнери. За тоа колкаво ќе биде производството на електрична енергија, зависи од тоа колкави средства ќе можеме да издвоиме, вели Тимотеј.

Пред година и пол МПЦ се вклучи во бизнисот со струја со план за изградба на мала хидроцентрала, во кој покрај МПЦ, се вклучени уште четири други партнери.

Станува збор за ХЕЦ Драгов Дол на реката Треска. Владата претходно одобри трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изградба на централа на вкупна површина од 651 квадратни метри.

МПЦ – ОА низ годините носеше повеќе бизнис одлуки, вклучувајќи ја и онаа за изградбата на станбено-деловниот објект планиран да се гради во центарот на Скопје спроти хотелот „Холидеј ин“, како содружник во фирмата „Обновители“.

СОРАБОТНИК НА ОРБАН ЌЕ ГРАДИ ГАСНАТА ЦЕНТРАЛА

Ќе се гради и една Когенеративна гасна централа со моќноат од 495 мегавати вредна 445.500.000 евра. Фирмата што аплицирала е Статус Енерџи ДОО Скопје и таа ќе гради во вардарскиот регион.

Оваа фирма, иако е најавена, сè уште не е регистрирана во Македонија, но неофицијално, таа ќе биде ќерка на унгарската компанија со исто име „Status Energy KFT“. Оваа фирма е унгарска компанија, која се занимава со производство на енергија од необновливи извори, регистрирана во Будимпешта, како инвестициско друштво во енергетскиот сектор и дел од структурата на „Status Energy Private Equity Fund“.

Оваа фирма во 2019 година, преку партнерство со швајцарската „MET Group“, влезе во сопственичката структура на „TIGÁZ Zrt“., најголемиот дистрибутер на природен гас во Унгарија.

Преку оваа трансакција, „Status Energy“ стекна индиректен удел од околу 49,6 проценти во TIGÁZ, додека оперативната контрола ја задржа „MET Group“. Во 2021 година, MET се повлече од проектот, а сопственоста премина на унгарската група „OPUS Global“, компанија контролирана од Лоринц Месарош, еден од најбогатите луѓе во Унгарија, бизнисмен близок до премиерот Виктор Орбан.

Извршен директор на Status Energy е д-р Габриела Гомбаи, која е близок соработник на Месарош.

Истовремено, партнерството со MET Group ја поврзува Status Energy со унгарскиот бизнисмен Бенјамин Лакатош, основач и сопственик на MET Group, кој важи за еден од клучните приватни играчи во унгарскиот гасен сектор, а од неодамна присутен и на Балканот со учество на пазарите во Албанија и Македонија.

MET Group, од минатиот ноември е нов учесник на домашната берза на електрична енергија, МЕМО. MET Group е европска енергетска компанија со седиште во Швајцарија, активна на пазарите со природен гас и електрична енергија. Компанијата е присутна во 21 држава преку свои подружници, учествува на 33 национални пазари на природен гас и оперира на 44 меѓународни трговски пазари.

Подружница на MET Group во Македонија е МЕТ Енерџи ДООЕЛ Скопје и со неа раководи извесен Далибор Стојевски. МЕТ Енерџи ДООЕЛ од 12 мај 2025 година поседува лиценца за трговија со природен гас издадена од Регулаторната комисија за енергетика.