„FLUX IDENTITY“: Современата уметничка сцена на Канада со изложба во Скопје


По една година одложување заради пандемијата со Ковид-19, програмата на Националната галерија годинава почнува со меѓународна изложба – „FLUX IDENTITY“, современата уметничка сцена на Канада, во дијалог со уметниците од Република Северна Македонија.

Отворањето на изложбата е задутре (10 февруари ) во 19 часот во објектот Чифте амам.

Организацијата е во соработка со Канадската Амбасада и невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија.

На изложбата „FLUX IDENTITY“, динамичен дијалог на тема идентитет и неговата разновидност водат уметници од Канада: Two Gullivers (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перунович, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ и од Република Северна Македонија: Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети.

Како што соопштија од Канадската амбасада, тие се фокусирани на темата за идентитетот, разбрана во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, бидејќи денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен, туку како распарчен и раскршен, флуиден и пропустлив.

Идентитетот, според нив, е постојано во процес на промена и трансформација.

-Во денешно време, постојаните движења и миграции на населението, како и животот во имиграција, го прават потеклото на поединецот и неговата автентичност веќе нестабилни концепти. Доаѓајќи во ново опкружување, едно лице носи со себе специфичен културен идентитет што се вкрстува и се меша со различни идентитети на новата социјална заедница. И така, се создава симбиоза на различности, се наведува во соопштението од Канадската амбасада.

Во рамките на проектот FLUX IDENTITY, идентитетот ќе се разгледува од различна почетна перцепција: национална, етничка, лична, полова, економска, културна, технолошка, социолошка, антрополошка, етнолошка, верска, визуелна, професионална, дигитална, корпоративна, звучна, семејна, социјална, вредносна и слично.

Автор на проектот и куратор е Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад, стручна соработка на проектот е на Весна Перуновиќ, а кустос-соработник од Националната галерија е Ана Франговска.

Изложбата ќе биде поставена до 26 февруари оваа година.