Флоријан Бибер: Србија ја чека случајот на Македонија и да ги нормализира односите со Косово
Според Бибер, кој е одличен познавач на регионот, случајот со блокадата на македонија покажа дека наградата од ЕУ е многу апстрактна
Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, вели дека ако утре се нормализираат односите меѓу Србија и Косово, тоа не би ја отворило вратата за членство во Унијата за Белград. Тој во интервју за „Јуропиан вестерн балканс“ (EWB) потсетува дека Македонија не беше наградена за сè што стори за да ја укине блокадата на Грција за нејзиниот понатамошен европски пат и дека пораката испратена до регионот во врска со тоа е „заборавете на тоа“.
„Зошто Србија и Косово би постигнале договор ако нема награда за тоа. Би рекол дека ова е особено точно за Србија, каде поддршката за пристапување во ЕУ опаѓа од година во година, а владата нема да сака толку многу да се приклучува на Унијата затоа што се грижи дека ќе мора да го подобри владеењето на правото“, вели Бибер.
Во овој момент е лесно да се каже „зошто би го сторил тоа, каде е наградата, и може да бидете целосно убедени дека во случај Србија и Косово да се нормализираат утре, тоа не би ја отворило вратата за членство на Белград во Унија“, нагласува Бибер.
Според него, Унијата мора да понуди награда, бидејќи сѐ додека не се реализира евроинтеграцијата, не е јасно зошто Србија и Косово би постигнале договор.
„Да сум јас сега претседател на Србија, не гледам зошто би се согласил на нормализирање на односите со Косово, кога тоа носи само политички ризик дома. Таа одлука не би била популарна, а наградата за тоа е многу апстрактна и нејасна“, вели Бибер.
Тој смета дека доколку се деблокира процесот на проширување на Европската унија, тоа ќе се случи во следните неколку месеци, бидејќи Словенија секако ќе се обиде да го реши прашањето за време на нејзиното претседателство со Унијата, и за таа цел ќе го организира Западен Балкан Самит.
Сепак, тој предупреди дека голема пречка за тоа може да бидат претседателските избори во Франција, па дури и ако Бугарија се откаже од блокирање на Северна Македонија, Париз може да стане проблем.
Доколку Бугарија ја отстрани блокадата по парламентарните избори, тоа веднаш ќе создаде позитивна атмосфера, но не можеме да бидеме сигурни дека нови блокади нема да се појават веднаш, рече Бибер, нагласувајќи дека блокирањето на процесот на проширување го загрозува кредибилитетот на Европската унија.
Бибер посочува дека овој проблем не е едностран, затоа што кога станува збор за Србија и Црна Гора, Европската комисија смета дека двете земји не напредуваат во реформите, а истото важи и за Босна и Херцеговина.