Физикалното одделение на болницата во Битола стана втор Ковид центар


БИТОЛА – На Физикалното одделение во Битола се отворија вратите за болните од Ковид-19, со што тој стана втор Ковид центар во Битолската клиничка болница. Од денеска 15 пациенти се хоспитализирани на Физикалното одделение каде веќе ќе работат лекари и од други одделенија во Битола под надзор на инфектолози.

„Денеска имаме 80 хоспитализирани пациенти на Инфективното одделение и уште 15 на Физикална. Значи, пуштаме дополнителни капацитети. Пациентите се во тешка состојба на постојана кислородна поддршка“, изјави за „Независен“ , д-р Билјана Гагачовска, директорка на Клиничката болница во Битола.

Ноќеска во болницат во Битола починале двајца пациенти од Битола на возраст од 62 и 67 години, како и пациент од Ресен на 66 години.

Веќе неколку дена бројот на заболени во Битола е највисок од градовите во внатрешноста, веднаш зад Скопје, Вчера беа регистрирани 83 новозаболени со што бројката на ковид позитивни се искачи на 2.256. Расте и бројот на починати кој достигна 97, односно близу 70 смртни случаи се бројат од почетокот на ноември до денеска. (А.Б.)