Физичко обезбедување на црквата Света Софија во Охрид


Просторот околу катедралната црква Света Софија во Охрид доби физичко обезбедување. По реакциите во јавноста за недолично однесување на младите во вечерните часови во предворјето на храмот Дебарско-кичевската епархија ангажираше служба која ќе се грижи за просторот околу црквата и нејзина заштита како културното наследство од непроценлива вредност за православието во целиот свет.

Токму тој простор на западната ориентација кон предворјето изминатите денови беше едно од главните собиралишта на помлади лица кои зад себе оставаа купишта ѓубре, амбалажата од се она што го понеле за пиење и јадење.

Екипи на ЈП „Охридски комуналец“, но и поединци и активисти на Здруженија на граѓани секојдневно во утринските часови се обидуваат да го соберат се она што во текот на ноќта е расфрлано низ градот, особено на најатрактивните локации низ градот.

Дебарско – кичевската епархија пред неколку години целосно го уреди дворот на дворот и го огради просторот околу Света Софија, што наиде на бурни реакции од локалното население, најмногу поради блокирањето на преминот низ дворот на црквата од западната страна. Случајот заврши на суд по што портите за влез и излез во Предворјето на црквата повторно беа отворени постојано.