ФИТР ја интензивира соработката со руската „Силиконска долина“


Интензивирање на соработката помеѓу македонските и руските иновативни стартапи, како и креирање на засебна акцелераторска програма, преку која стартапите од двете земји ќе работат на поголемa инвестициска подготвеност, беше дискутирано на средбата во Москва на директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров и претседател на руската Фондација „Сколково“, Аркади Дворкович.

На средбата, како што информираат од ФИТР, Петров зборуваше за успешните политики на ФИТР, стартап портфолиото, но и новите иницијативи кои ги презема Фондот за позиционирањето на Северна Македонија како регионален стартап хаб.

Дворкович и Дарија Шунина, раководител на секторот за Меѓународни односи меѓу стартапите  во „Сколково“, го претставија нивниот модел на работа, инвестициски политики, даночните олеснувања кои ги имаат компаниите кои се дел од Иновацискиот парк, но и образовните политики со цел креирање на нова генерација успешни стартапи.

Петров и тимот на ФИТР, се во посета на Москва на покана на Фондацијата, каде што присуствуваа на настанот „Nobel Vision: Open Innovation 2.0“, на кој зборуваа највлијателните руски и светски експерти на полето на иновации.

Иновативниот центар „Сколково“, познат и како руска „Силиконска долина“, е клучен руски развоен проект: технолошка деловна област од 460 хектари планирана во Сколково, во близина на Москва. Стратешката цел на иновативниот центар „Сколково“ е концентрирање на меѓународниот интелектуален капитал, со што се стимулира развојот на проекти и технологии кои имаат голем потенцијал. Десетици иновативни проекти развиени од стартапи на „Сколково“ постигнаа успех на меѓународните пазари, особено опремата за динамично моделирање на нафтени и гасни полиња, екрани од следната генерација и ласерски системи за хирургија на меките ткива.