ФИТР: Никој од вработените не учествува во селекцијата на компаниите што добиваат помош


Жално е што опозицијата, наместо да ги мотивира младите да отворат успешни стартапи и да ги реализираат своите соништа, вметнува политика во сфера која е комплетно ослободена од политичките влијанија, реплицираа од Фондот за иновации и технолошки развој на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека државни пари се делат на пријатели и партиски поддржувачи место на вистински иноватори.

-ФИТР е единствена институција во државата која го мониторира секое евро инвестирано во секоја компанија. Процесот на мониторинг го водат дури 5 интернационални компании. Како што повеќе пати сме информирале, никој од вработените на ФИТР не учествува во процесот на селекција на компаниите кои ќе добијат финансиски средства. Сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од 3 стручни лица. Секоја компанија која има над 51 поен поминува во финална селекција, а финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), составен од 5 светски експерти. Марвин Лиао, претседателот на КОИ, е поранешен директор на Јаху, а и самиот има инвестирано во над 400 стартапи’, одговорија од ФИТР, додавајќи дека тие се единствена институција во државата која има сертификат ISO: 31007 за борба против корупција.

-Со новата бројка од 70 стартапи одобрени преку инструментот „Стартапувај 3“, бројката на поддржани стартапи во целокупното портфолио на ФИТР достигна 393 компании со заеднички инвестиции од дури 32 милиони евра. Според анализите кои ги направивме, кај стартапите во период од една година пред користење на финансиите, до 2 години по нивното искористување, просечните приходи имаат раст од 197%. Во истата временска рамка просечните расходи се имаат зголемено за 220%. Наспроти лагите и манипулациите на опозицијата, сите анализи покажуваат дека политиките на ФИТР се ефикасни…Според истражувањето на Стартап Македонија, дури 70% од македонските стартапи се финансирани од ФИТР, а ФИТР е клучна институција за финансиска поддршка во екосистемот. Финансиите на ФИТР се инвестираат на вистинско место во компаниите со најголем бизнис потенцијал, одговорија од Фондот.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија дека ФИТР  се крие позади флоскули и некои евалуаторски комисии.

-Во ниту еден момент не негира дека споменатите фирми и ликови за одредени проекти, како на пример рецепта за пица, земале милионски суми во денари од државата со потпис на Коста Петров.Коста Петров изгледа не разбира дека граѓаните не може да ги прелаже и целата јавност е свесна што се случува со Фондот за иновации и на кој начин се испумпуваат парите на граѓаните.

Коста Петров не негира дека потпишал проект од 40.000 евра за рецепта за пица што ја има на интернет, исто така потпишал проект од 2.7 милиони денари за партискиот другар на Заев, Миле Милановиќ, одобрил исто толку за проект на бившиот директор од СДСМ Рубинчо Зарески и многу други.Срамота е да се фали Коста Петров со сертификати за борба против корупција, кога ФИТР е институција позната по корупцијата и испумпаните десетици милиони евра на блиски лица до СДСМ и нивни функционери.Замајувањето на јавноста со празни флоскули и ненегирањето на податоците кои ги презентираше ВМРО-ДПМНЕ поврзани со ФИТР, е доволен показател за начинот на функционирање на СДСМ и директорот Коста Петров, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ. 

Според нив, никој не знае каква е успешноста на проектите, никој не води никаква ревизија како се потрошени парите и каде завршуваат.