Фискалниот совет ќе ги претстави анализите за одржливоста на пензискиот систем и состојбите во Вториот пензиски столб


Финансиската и демографската одржливост на пензискиот систем, како и можните насоки за негови реформи, ќе бидат во фокусот на презентација што денеска ја организира Фискалниот совет.

На настанот ќе бидат претставени најновите анализи и проекции за идниот развој на пензискиот систем во Северна Македонија, со посебен осврт на функционирањето и перформансите на Вториот пензиски столб.

Претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети, ќе ги презентира клучните наоди, додека извршната директорка на Finance Think, Благица Петрески, ќе ја претстави студијата „Одржливост на пензискиот систем во Северна Македонија“ со симулации на можни реформски решенија.

Предвидено е и излагање на проф. д-р Шпреса Алија од Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, која ќе ја презентира анализата за перформансите на Вториот пензиски столб, изработена во соработка со МАПАС.

Според најавите, меѓу темите за кои ќе се дискутира се финансискиот јаз во пензискиот систем, влијанието на демографските трендови врз неговата одржливост, можните реформи за обезбедување стабилност на системот, како и приносите и идниот развој на Вториот пензиски столб.