Фискалниот совет предлага одење во пензија на 67 години и зголемување на придонесот за пензиско
Од Фискалниот совет предупредуват дека линеарното зголемување на пензиите два пати по 2.500 денари сериозно ја доведува во прашање стабилноста на ПИОМ
Фискалниот совет во Мислењето во врска со Фискалната стратегија за периодот 2025 -2029 година, предлага зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 64 години на 67 години и тоа почнувајќи од 2026 година, како една од мерките која ќе придонесе стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Исто така, се предлага и зголемување на придонесот за пензионирање. Од Фискалниот совет предупредуват дека линеарното зголемување на пензиите, за 2.500 денари годинава и уште толку во март идната година, сериозно ја доведува во прашање стабилноста на ПИОМ.
„Фискалната одржливост на Фондот за ПИОМ претставува посебен фискален ризик. Имајќи го предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%“, се вели во Мислењето на Фискалниот совет доставено до Собранието, каде што треба да се разгледува и Фискалната стратегија.
Потоа, како што додаваат од Фискалниот совет, во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21% до 2029 година.
Од Фискалниот совет посочуваат дека определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходи од придонеси и расходи за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ.
Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, намалување на фискалните ризици и консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ (тековно е 18,8%), која моментално е за 2,4% помала во однос на 2008 година кога изнесуваше 21,2%.
Кога на оваа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500-1.700 нови пензионери секоја година, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен.
Фискалниот совет е независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија.
Со слични оцени за линеарнот зголемување на пензиите. Фискалниот совет излезе и во однос на доставенот мислење за Предлог-буџетот за 2025 година, при што меѓу другото беше посочено дека растот на реалните плати и пензии над нивото на растот на продуктивноста ги зголемува трошоците по единица производ, ствара инфлаторни притисоци и ја слабее извозната конкурентност на економијата.
Во ова мислење, сепак, не беше промовирана идејата за зголемување на старосната граница за одење во пензија, туку само за зголемување на стапката на придонесот, и на тој начин да се олесни товарот врз Буџетот врз основа на огромните буџетски дотации во овој фонд.
Во мислењето за Ребалансот на Буџетот за 2024 година, пак, од Фискалниот совет посочија дека вкупните долгорочни буџетски ефекти од зголемувањето на пензиите се проценуваат на 25,8 милијарди денари, доколку не дојде до нова промена на пензиите.
„Најголемите ефекти по буџетот би се реализирале во 2025 и 2026 година, кога буџетот ќе треба да обезбеди дополнителни дотации за ФПИОМ во износ од 9,5 милијарди денари и 8,1 милијарди денари, респективно. Со тоа, учеството на буџетските дотации во задолжителното финансирање на пензиите во 2025 година, би достигнало 37,5%. Тоа би бил висок товар за буџетот кој во изминатите три години во просек остварува буџетски дефицит над 4,5% од БДП“, стои во мислењето.
Поради тоа Фискалниот совет тогаш предложи дека, доколку се пристапи кон зголемување на пензиите над пропишаното правило, мерката за пензиите треба да биде пропратена со други мерки кои треба да овозможат зголемување на приходната страна на буџетот и на пензискиот фонд, како што се мерки за зголемување на возраста при пензионирање што ќе биде во согласност со зголемувањето на животниот век на населението и потребата од квалификувана работна сила, подобрување на наплатата на придонеси и даноци, сузбивање на сивата економија и разгледување на можноста за зголемување на стапката на пензиски придонеси имајќи во предвид дека истата е на умерено ниво во однос на земјите од регионот.
За предлозите на Фискалниот совет денеска реагираа од „Левица“, од каде што велат дека секоја идна Влада не смее „да си игра со маката на работниот народ“.
„Доколку сакаат да интервенираат во ФПИОМ, тогаш нека почнат од нивните функционери кои го доведоа во ваква состојба! Повикуваме, Фискалниот совет да ги преиспита своите мислења. Потребно е спроведување стратешки политики во реалниот сектор кои ја подобруваат положбата на работниците, во спротивно бранот на иселување на млада и стручна работна сила нема да биде спречен, а со тоа нема да се спречи и намалувањето на придонесот во ФПИОМ“, велат од Левица. (Н.В.)