Фирмите преферираат суд пред арбитража


Фото: Б.Грданоски
Ограничувањето на висината на судските такси е една од причините поради кои компаниите недоволно користат арбитража за решавање на спорови, сметаат од Сојузот на стопанските комори на Македонија и најавуваат дека во Министерството за правда ќе иницираат измени на Законот за судски такси.

– Во овој момент сметаме дека судските такси се релативно ниски, ограничувањето на најголема висина на судска такса на 48.000 денари е една од причините зошто компаниите не доаѓаат на арбитража. Сепак довербата во судовите е поголема и нивниот одговор секогаш е зарем за толку малку трошок ќе одам на суд и ќе добијам одлука кога сепак редовен суд ми носи одлука. Затоа ќе дадеме идеи до Министерството за правда во делот на измена на Законот за судски такси – рече на прес-конференција Александар Милошевски, потпретседател на ССК.

Милошоски ги пренесе искуствата во Бугарија, посочувајќи дека таму нема ограничување на висината на судската такса и се работи според процент од вредноста на спорот.

– Како резултат на тоа, арбитражните судови во Бугарија работат многу повеќе и имаат голем број предмети, што се надевам во идниот период ќе биде и кај нас, односно ќе има поголем ефект и на нашиот и на другите арбитражни судови во државава – наведе Милошоски.

Во последните години се повеќе компании при склучување на договорите вметнуваат клаузула за решавање на деловните спорови по пат на арбитража како алтернатива за спогодбено надминување на спорот, но не доволно. Во светот 80 проценти од стопански спорови се решаваат по пат на арбитража, а во САД и до 90 проценти.