Фирмите и граѓаните должат околу осум милијарди денари за даноци и придонеси


Вкупно 8,95 милијарди денари е долгот на граѓаните и фирмите кон државата за даноци и придонеси. Споредено со претходната листа долгот е поголем за над 245 милиони денари, објави Управата за јавни приходи (УЈП).

Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 8,79 милијарди денари, додека долгот за царински давачки е над 146 милиони денари. Овие пари ги должат 1.937 правни лица и 2.524 физички лица.

Листа која секој месец ја објавува Управата за јавни приходи се однесува на долгови доспеани до февруари 2018 и неплатени до мај 2019 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.

На листата има јавни, приватни компании, државни претпријатија и приватни лица кои се на неа подолг период, но и нови.

Компанијата „11 Октомври – Еурокомпозит“, винарската визба „Повардарие“, „Трансмет“, но и скопската Општина Карпош, Македонската радио-телевизија, јавното претпријатие „Билјанини извори“ се меѓу должниците.