Фирмата „Топлина“ од охридското село Подмоље ќе го копа јагленот во РЕК „Битола“ за 25 милиони евра

Тендерот од 1,44 милијарди денари е за работа од една година. „Топлина“ претходно беше подизведувач на „Марковски компани“, со која Владата го раскина договорот


Ископување на јаглен во РЕК „Битола“ (Фото: Ројтерс)

 

Фирмата „Топлина“ од охридското село Подмоље доби тендер за ископ на јаглен во висина од 1,44 милијарди денари (25 милиони евра) за период од 12 месеци, потврди за „Независен“ државната компанија АД ЕСМ. Оваа охридска фирма претходно беше подизведувач на „Марковски компани“ на битолскиот бизнисмен Борче Марковски, кој по смената на власта беше исфрлен од тендерите во РЕК „Битола“. 

„Фирмата за градежништво, производство, трговија и услуги  ‘Топлина’ е избрана за најповолен понудувач на јавниот повик  за  ископ на јаглен и јаловина во РЕК ‘Битола’. Понудената цена за ископан јаглен изнесува  49,85 денари за гигаџул, а за ископан кубен метар јаловина 214 денари. Вкупната финансиска рамка изнесува 1,44 милијарди денари за период од 12 месеци“, потврдија од ЕСМ, откако „Независен“ постави прашања за ситуација со ископот на јаглен и тендерските постапки во РЕК “Битола“ по смената на власта. „Независен“ го праша ЕСМ колку договори се склучени за ископ на јаглен и јаловина за потребите на комбинатот со „Топлина“ од село Подмоље, Охридско и во кој износ? Го прашавме ЕСМ дали таа компанија ги има сите неопходни механизации за една ваква обемна и комплицирана работа?

Единствен сопственик на фирмата „Топлина“ е бизнисменот Кирче Митрески, кој е и нејзин управител. Фирмата која е регистрирана во 2004 година бележи огромни финансиски резултати, пишуваа македонските медиуми.

Од АД ЕСМ појаснуваат: „Избраниот економски оператор би се ангажирал по налог на Подружница РЕК ‘Битола’,  согласно потребите на рударско– енергетскиот комбинат. Во период кога изведувачот нема да биде ангажиран, АД ЕСМ нема да има финансиски импликации.  Станува збор за ангажман за период од една година или до исцрпување на средствата предвидени во финансиската рамка, во зависност од тоа кој услов ќе биде прв исполнет“.

Според објаснувањето од ЕСМ, „Топлина“ има соодветна механизација за ваква работа.

Меѓутоа, АД ЕСМ, ги негираше информации пласирани во дел од јавноста дека подизведувач на „Топлина“ е фирмата „Марковски компани“, со која РЕК „Битола“  еднострано го раскина договорот во декември лани поради, како што тврдеа, несовесно и неквалитетно извршување на услугите.

 „’Топлина’ пријавила четири оператори како подизведувачи ‘ГД Гранит Скопје’, ‘Градба Промет’ Кавадарци,  ‘Илинден’ Струга и ‘Топ Билд’ од Скопје. Во својство на техничка поддршка се пријавени фирмите ‘Форса’ АС од Скопје  и ‘Машинокоп’ од Кавадарци“, стои во дописот на АД ЕСМ до „Независен“.

Инаку, „Топлина“ од Подмоље беше подизведувач на „Марковски компани“, кога оваа компанија го имаше тендерот за ископување јаглен во рудниците на РЕК Битола“. Откако Владата го раскина договорот со „Марковски компани“, „Топлина продолжи да копа јаглен како привремен оператор.

АД ЕСМ на 14 јануари објави дека пропадна изборот на нов економски оператор за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“, повик кој беше објавен на 13 декември минатата година.

Според Комисијата за јавни набавки, ниту една од доставените понуди не ги исполнувала целосно условите наведени во огласот.

„Критериумите во делот на техничко-професионалната способност, особено оние поврзани со референци за ископ, драстично ја ограничија конкуренцијата“, кажаа од ЕСМ преку соопштение. Компанијата наведе дека условите за доставување референци, како минимум еден ископ од 500.000 тони јаглен и 3 милиони кубни метри земјени маси во последните три години, биле пречка за голем број компании.

Тогаш во јануари ЕСМ најави дека ќе објави нов јавен повик со изменети критериуми.

„Новите услови ќе бидат олеснети за да се овозможи учество на поголем број економски оператори, но истовремено ќе бараме поголема техничка опременост на компаниите, со цел да го зголемиме квалитетот и обемот на услугата“, потенцираа од компанијата.

Одложувањето на изборот, како што  кажаа тогаш од ЕСМ, немало да влијае на тековниот договор со привремениот изведувач. (Н.В.)