Финското претседателство со ЕУ ќе работи на кредибилна перспектива за проширувањето


Проширувањето претставува стратешка инвестиција за иднината на Европската Унија, стои во програмата на финското претседателство кое започна на први јули.

-Финска ќе продолжи да работи на кредибилна перспектива за проширувањето кон Западен Балкан, регион кој има високо стратешка вредност за Европската Унија, смета финското претседателство.

Ова е единствениот дел кој се однесува на политиката на проширувањето кон Западен Балкан во шестмесечната програма на Финците. Што се однесува до Турција, Хелсинки не го доведува во прашање кандидатскиот статус на Анкара и истакнува дека оваа земја останува стратешки партнер на Унијата.

Финското претседателство смета дека во наредните шест месеци е потребно да се стави фокус и на непосредното соседство на ЕУ на југ и на исток и да се користат сите расположливи алатки за да помогне во создавањето на посилни општества и решавањето на конфликтите во Северна Африка и на Блискиот Исток.

За Хелсинки од голема важност за надворешната политика ќе биде и Арктикот.

-Важноста на арктичкиот регион се зголеми поради климатските промени, зголемениот степен на економска активност, отворањето нови транспортни врски и геополитичката важност на регионот, стои во финските приоритети.

Во делот на надворешната политика, Хелсинки амбицира да работи на укинувањето на едногласното носење одлуки во одредени области, стои во програмата.

Финците сметаат дека комплексноста на меѓународната политика ги прави посебно важни единството и ефикасноста на надворешната политика на ЕУ.

-Побрзо носење одлуки е потребно за да се зголеми влијанието и ефикасноста на ЕУ, можноста да се гласа со квалификувано мнозинство во одредени области на заедничката надворешна и безбедносна политика заслужува подлабоко размислување, стои во програмата на финското претседателство.