Финска го одби барањето на Русија да го напушти НАТО


Финска го отфрли барањето на Русија да го напушти НАТО, кое наводно беше предложено како дел од мировните преговори за Украина, а финскиот министер за одбрана Анти Хаканен изјави дека членството на земјата во Алијансата не е предмет на преговори, пишува Политико денес.

„Ваквите прашања не се предмет на преговори на никаков начин. Русија го знае тоа. Апсолутно е нечуено дури и да се предложи такво нешто“, рече Хаканен.

Финска, која дели граница од 1.340 километри со Русија, се приклучи на НАТО во 2023 година во пресврт во надворешната политика предизвикан од руската инвазија на Украина.

Германскиот весник „Билд“ објави дека рускиот предлог презентиран за време на преговорите во Абу Даби оваа недела содржел предлог Москва да ги задржи окупираните украински територии, да преземе контрола врз нови делови од територијата, да ги демилитаризира пристаништата во Украина, да ги отстрани базите на НАТО од Балтикот и Финска да го напушти НАТО.

Финска по НАТО влезе во април 2023 година.

За возврат, Русија предложи повлекување на своето нуклеарно оружје од Белорусија и воздржување од распоредување ракети со среден дострел во таа земја, објави „Билд“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека новата безбедносна рамка за Европа по војната „може да биде опасна“.

„Русија сигурно не може да донесува одлуки во име на сите општества што се членки на НАТО“, рече Зеленски.

Дводневните преговори на делегациите на Русија, САД и Украина се одржаа во Абу Даби зад затворени врати на 10 и 11 ноември. Страните се согласија за нова размена на затвореници од голем обем меѓу Русија и Украина.