Финска денеска избира нов претседател


Во Финска се одржуваат претседателски избори на кои граѓаните ќе избираат меѓу деветмина кандидати. Изборите се исто така прво гласање во оваа нордиска земја откако таа влезе во НАТО минатата година.

Право на глас имаат околу 4,5 милиони луѓе, а гласачите ќе избираат меѓу девет кандидати – шест мажи и три жени – и на тој начин ќе го изберат наследникот на исклучително популарниот претседател Саули Нииниста, чиј втор шестгодишен мандат истекува во март и не може повторно да се кандидира. 

Според последните истражувања на јавното мислење, поранешниот премиер Александар Стуб и поранешниот министер за надворешни работи Пека Хависто се фаворити, но се очекува ниту еден кандидат да не освои 50 отсто од гласовите, со што е речиси извесно дека ќе се одржи вториот круг во февруари.

Според анкетите, Стуб и Хависто имаат поддршка меѓу 23 и 27 отсто од гласовите, а на трето место е претседателот на собранието и екстремнниот десничар Јуси Хала-ахо со околу 18 отсто.

Претседателот на Финска, за разлика од лидерите на повеќето европски земји, има извршна моќ во одредувањето на надворешната и безбедносната политика, особено кога станува збор за земји надвор од ЕУ, како што се САД, Русија и Кина.