Финансискиот план на РКЕ за 2023 година на седница на собраниската Комисија за економски прашања


Фото: Б. Грданоски

Собраниската Комисија за економски прашања на денешната седница треба да го разгледа финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за 2023 година.

Во Предлог финансискиот план, како што велат од РКЕ, се презентирани планираните приходи и расходи на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги планирани врз основа на предвидените активности за 2022 година.

-Притоа, се предлага планираниот приход на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2023 година да се оствари со наплата на надоместок во висина од 0,0453 отсто од вкупниот приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и 0,0453 отсто од годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давањето на водните услуги. Тоа претставува намалување од 13,21 отсто во однос на одобрениот финансиски плаан на РКЕ за 2022 година, и е понизок од законски утврдениот максимум од 0,1 отсто од вкупниот приход на друштвата што вршат енергетска дејност и давателите на водни услуги, посочуваат од РКЕ.

Заменик директорот на Енергетската заедница Дирк Бушле неодамна во Собранието порача дека РКЕ е добар регулатор и дека треба да се одобри финансискиот план за работењето на РКЕ.

-Имате добар регулатор и добар модел на цена и тарифник, а тоа се силни страни што треба да се поддржани. Улога на Парламентот е да го заштити регулаторот кој што е одговорен кон вас, но му треба да биде независен, заштитен и му требаат ресурсите за да може да работи. Како што разбрав има финансиски план што треба да се одобри. Ние работиме одблиску со РКЕ, го набљудуваме функционирањето и независноста на сите регулатори, рече Бушле во Собранието.