Финансискиот фер-плеј, но и празната каса на Барселона го „избркаа“ Меси


Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Аргентинецот Лионел Меси (34), по повеќе од 20 години минати во каталонскиот фудбалски гигант Барселона заминува од клубот поради финансискиот „фер-плеј“.

Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта се обиде да ја објасни ситуацијата со Меси, обвинувајќи го претходното раководство на клубот дека оставило поголеми загуби. 

„Не пречека ужасно наследство. Платите претставуваат 110 проценти од буџетот на клубот. Немаме начин да ги покачиме платите, тоа го знаевме штом дојдовме во клубот. И кога пристигнавме, финансиската состојба што беше претставена дотогаш – всушност беше многу полоша од она што ни беше кажано. Планиравме потези врз основа на јавно достапни податоци, но загубите беа огромни, како и долговите“, изјави Лапорта.

Тој додаде дека правилата за финансискиот фер -плеј не дозволуваат да се потпише договорот со Меси што беше договорен.

„Лео сакаше да остане во Барса, ние сакавме тој да остане, првиот чекор беше направен. Но, доколку оживее таков договор, ќе има голем ризик за нашиот клуб. А клубот е над играчите, тренерите, менаџерите … “, вели Лапорта.

Потоа продолжи:

„Меси остави големи работи зад себе. Тој е играч со најмногу титули во историјата на клубот. Тој остави трага од најдобрата етапа во историјата на клубот. Доживеавме многу радости со него и бевме неверојатен тим. Многу слики за историјата, и затоа сме му вечно благодарни. Не сакам да давам лажни надежи. Има временско ограничување и играчот има други понуди. На играчот исто така му треба време да ги процени другите опции што ги има. За жал, парите се проблем и не успеавме да ги решиме работите со Ла Лига. Мислевме дека ќе постигнеме договор, но не успеавме. Имавме рок до кога може да потпише и не го испочитувавме. Сега тој разгледува други опции. Преговорите завршија, повеќе не можеме да го регистрираме“, вели Лапорта.

Првиот човек на каталонскиот фудбалски гигант истакна дека веќе 122 години во историјата на клубот имало различни проблеми и сите ги преживеале.

„Податокот дека платите се 110 отсто во однос на нашите приходи е без договоротсо Меси. Ова значи дека не можеме да регистрираме четири летни засилувања во овој момент. Треба дополнително да ги намалиме трошоците. Ако не го намалиме тој процент на 70 отсто, Ерик Гарсија, Емерсон, Мемфис Депај и Серхио Агуеро нема да играат за клубот“, рече Лапорта и со тоа повторно ги шокираше навивачите!

Барселона во четврток вечер објави дека нема да потпише договор со клупскиот капитен поради „економски и структурни пречки“.

На Меси во јуни му истече договорот со Барселона и како слободен играч можеше да побара нов клуб, но желба на двете страни беше да ја продолжат соработката и аргентинскиот фудбалер да остане во клубот во кој дојде на 13-годишна возраст. За таа цел, Меси се согласи на двојно намалување на платата, а даде и согласност Барселона да го усогласи неговиот нов договор со правилникот за финансиски „фер-плеј“ на Ла Лига.

Сепак, тоа на крајот се покажа како неизведливо поради енормно високиот долг на Барселона, кој изнесува повеќе од една милијарда евра.

– И покрај тоа што ФК Барселона и Лионел Меси постигнаа договор и двете страни имаа јасна намера да потпишат нов договор, тоа не може да се случи поради финансиски и структурни пречки. Како последица на оваа ситуација, Меси нема да остане во Барселона. Двете страни длабоко жалат поради тоа што желбите на играчот и на клубот на крајот нема да бидат исполнети. Барселона изразува огромна благодарност до играчот за неговиот придонес и му посакува сè најдобро на личен и професионален план, соопшти Барселона.

Меси во Барселона дојде на 13-годишна возраст и дебитираше за првиот тим во 2004 година.

Во дресот на каталонскиот клуб Аргентинецот одигра 778 натпревари и постигна рекордни 672 голови во сите натпреварување.

Мeси со Барселона освои десет шампиони титули во Шпанија, седум трофеи во шпанскиот куп и четири во Лигата на шампиони.