Финансиски дебакл на „Боинг“


САД– Американскиот производител на авиони „Боинг“ соопшти вчера дека неговата добивка во вториот квартал ќе биде намалена за 4,9 милијарди долари. Загубата се случува по еднократниот трошок, кој компанијата го претрпела поради приземјувањето на својот авион „737 Макс“ низ светот по двете катастрофални несреќи.

Тоа воедно ќе биде и најголема квартална загуба во историјата на „Боинг“.

Имено, вкупните трошоци на Боинг поради намалениот обем на продажба, падот на производството и исплатата на отштетите на семејствата на жртвите во двете катастрофални авионски несреќи, ќе изнесуваат 6,6 милијарди долари, а во таа сума не спаѓаат финансиските средства што компанијата ќе мора да ги издвои за тужби, кои, како што се очекува, ќе ги поднесат членовите на семејствата на жртвите.

„Боинг“ соопшти дека „737 Макс“ би можел да се врати во употреба на есен. Тој тип на авиони е приземјен откако еден се урна во Индионезија во октомври 2018 година, а вториот во Етиопија во март оваа година. Вкупно загинаа 346 патници и членови на екипажите.