Финансиската независност и понатаму главен проблем на судската власт


Функционалната анализа за основните судови во Република Северна Македонија, презентирана денеска од Центарот за правни истражувања и анализи, (ЦИП) исто како и претходните анализи изготвени од ова невладина организација укажува на проблемот со независноста на судството, пред се поради финансиската зависност од другите две власти кои што го креират и го донесуваат буџетот.

– До денес не е исполнета законската обврска на државата да се обезбеди 0,8 отсто од БДП, што значи со тоа всушност се создава една финансиска зависност на судството како власт од останатите две власти, изјави Жарко Хаџи-Зафиров, раководител на програмата на ЦИП.

Според него, ова е најобемна функционална анализа на 27 основни судови во државата. Тој во изјава за новинарите истакна дека од аспект на функционалноста сите судови се функционални, но од аспект на целисходноста на постоење на толку голем број на основи судови самата анализа доведува до заклучоци дека сепак бројката е оправдана. Оваа анализа исто така укажува дека најголемиот товар во рамките на основните судови паѓа во скопските судовите, т.е на Основен кривичен суд Скопје и на Граѓанскиот суд.

Претседателката на Врховен суд на РСМ, Беса Адеми, ова анализа ја оцени како исклучително важна поради тоа што станува збор за добра подлога и има исклучителна важност бидејќи дава јасна слика за целокупната состојба на основните судови, кои секако заземат значен и најголем дел до судскиот систем.

– Овие документи точно и прецизно ги нотираат и детектираат суштинските предизвици со кои се соочуваат основите судови кои пак не се разликуваат многу од предизвиците на повисоките судови, рече Адеми.

Обезбедувањето на финансиската независност на судството како основен предизвик според Адеми, се предуслов за обезбедување на објективна правда и зголемување на довербата на граѓаните кон судскиот систем и судиите како делители на правда.

– Не можеме да говориме за вистинската независност се додека постои финансиска зависност во креирањето и извршувањето на судскиот буџет. Нерамнотежата е очигледна од фактот дека уште од 2010 година со утврдување на износот на судскиот буџет 0,8 отсто во Законот за судски буџет ниту еднаш не е обезбеден во законски предвидената висина, рече Адеми.

Меѓу друготото Адеми, во делот на ефикасноста на судовите, посочи дека судии и судските службеници секојдневно вложуваат над човечки напори со цел да се совлада приливот на предметите и да се одржи ажурноста на секој суд.

– Морам да напомена дека судскиот систем во изминатите години функционира со 20 отсто помал број на судии и судска служба. Ваквата состојба во 2022 година драстично ќе се прошири, бидејќи на 1-ви јули 2022 година со исполнување на услови за пензија ќе заминат уште 12 отсто од сегашните судии, а до крајот на годината се очекуваа во пензија да заминат уште 8 отсто од судскиот состав, наведе Адеми.