Финансиер на Републиканците го искритикува воениот имиџ на Зеленски и ги збесна Американците


Републикански финансиер во САД покрена врз себе лавина од критики откако на социјалните мрежи ја искритикува облеката што ја носеше украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговиот говор пред американските пратеници.

Питер Шиф, поранешен кандидат за Конгресот во Конектикат и главен економист во гигантот од Волстрит, „Еуро Пацифик Капитал’, го нападна Зеленски на крајот од неговото заедничко обраќање пред Конгресот во средата наутро. Зеленски ги даде забелешките од неговата канцеларија во Киев, облечен во зелена маица која стана главен дел од неговата воена гардероба откако Русија ја започна својата инвазија на Украина минатиот месец.

„Не ги почитувам многу сегашните членови на Конгресот на САД, но сепак не би им се обраќал со маица. Не би сакал да не ја испочитувам институцијата или САД“, прокоментира тој.

Твитот брзо предизвика бес кај коментаторите кои го обвинија Шиф дека го става во втор план  самиот говор користејќи неважен детал и потсетија дека Зеленски има поважни работи на кои треба да се фокусира среде војна од тоа во како облека се обраќа:

„Претседателот е среде воена зона и на удар на минофрлачи, Питер, тој нема да се движи наоколу со торби со облека“, напишал еден корисник.

„Друже, не само што е во воена зона, каде што сигурен сум дека е тешко да се добие пегла за костум и хемиско чистење, туку и да беше можно, подобро е луѓето да го гледаат како еден од нив што ја споделува борбата“, додаде друг.

„Уште е март, а вие господине го  постиравте најглупавото нешто што сум го прочитал оваа година“, стоеше во друг коментар.

„Тој се бори да ги спаси животите на другите, го ризикува и својот живот, а сето тоа зборува за каков човек станува збор. Вие коментирате во што бил облечен – тоа кажува каков човек сте вие“.

„Сосема си во право. Помеѓу борбардирањата на неговиот град, избегнувањето обиди за атентат и ракетирањето и убивањето цивили низ целата земја, тој навистина требало да си го испегла костумот за да се обрати на Конгресот“.

Коментарот на финансиерот беше осуден како еден од „најлошите на сите времиња“, особено по неизмерно моќното обраќање во кое Зеленски ги повика Американците да се сетат на Перл Харбор и терористичките напади на 11 Септември и ги спореди со убиствата на цивили и војници во Украина секој ден речиси три недели од руските сили.

„Нашата земја го доживува истото секој ден во моментов – во овој момент, секоја вечер, веќе три недели“, рече тој. „Русија го претвори украинското небо во извор на смрт за илјадници луѓе“.