Финални преговори: СЈО дознава дали ќе постои


Фото: Б. Грданоски

Власта и опозицијата денеска ќе седнат на заедничка маса во последен обид да стигнат до заедничко прифатливо решение за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Последните информации говорат дека има расположение во двата табори да се најде компромис за новиот закон за обвинителство, но и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на своите ставови, па неизвесно е да се прогнозира каков ќе биде епилогот. Веќе утре предложениот текст на законот ќе биде пред пратениците, а според владини извори, на 10 септември е закажана и седницата на која ќе се гласа за законот за јавното обвинителство. Ако и тогаш нема договор, Советот на јавни обвинители, според владини извори, има законска можност да назначи в.д. јавен специјален обвинител, но тоа или некакви идни „пржински“ средби за нив не се посакувано сценарио.

Нема компромис со правото“, одговори вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето дали партијата размислува за флексибилност во врска со црвените линии во преговорите.

Според него, досега ќе направеле договор со СДСМ, но пречката била во министерката за правда, Рената Дескоска, која имала огромен гнев кон ВМРО-ДПМНЕ.

Навистина жалам што министерката за правда на моменти се претвора во министерка за неправда. Таа во секој поглед гледа да ги минира преговорите. Таа е основната пречка што тие преговори не завршија. Нашата позиција е јасна: а тоа е правда и правдина без разлика на политичката припадност. Тој што се огрешил пред законите, тој треба да понесе одговорност низ фер судски процес. Позицијата на Дескоска е политичка и има за цел пресметка со ВМРО-ДПМНЕ. Затоа не можеме да ги доближиме преговорите. Политички договор за правно прашање ќе донесе куферчиња, рекетирање и слично. Доколку постои намера за договор, тој ќе беше најден до овој момент. Ние преговараме со факти и аргументи“, тврди Мицкоски.

Потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска, смета дека сето тоа што е изградено како капацитет во СЈО мора да опстои поради тоа што без правна држава, без системи што се соодветни за заштита на граѓаните и заштита од криминал, не можеме да одиме напред.

Сигурна сум дека преговарачката група и премиерот ќе изнајдат решение што е најдобро за сите со цел да може да опстојат капацитетите што се создадени“, уверува Царовска.

Уште пооптимистичен е вицепремиерот Бујар Османи, кој изрази верба дека ќе се најде компромис за законот за јавно обвинителство и ќе се донесе со консензус помеѓу сите политички партии.

Мислам дека разликите меѓу главните политички партии од македонскиот блок не се ненадминливи“, нагласува Османи за Радио Слободна Европа.

Тој додава дека е потребна сериозна политичка волја и седнување на маса со цел да се надминат тие разлики.

Сè е во рамки на црвените линии што ЕУ ги поставува, меѓутоа и ние како Влада, а тоа е дека треба да има институција која се справува со криминал на високо ниво и дека сите случаи, дали од прислушувањата, дали надвор од прислушувањата, за кои има индиции, треба да се расветлат во судска процедура. За сè што е во овие рамки мислам дека има простор за компромис и јас сум оптимист“, заклучува Османи.

Партиите поднесоа педесетина амандмани за законот што ќе се носи по скратена постапка. Една петтина се веќе прифатени, меѓу кои и тој дека за новоформираното обвинителство би се издвојувале 0,4 отсто од буџетот што во моментов е околу 1,5 милиони евра годишно. Но, разликите остануваат по клучните прашања: статусот на предметите што ги отвори СЈО, иднината на другите обвинители од Специјалното обвинителство, но и името на новиот шеф, кое опозицијата сака да го предложи, а никако да не биде Вилма Русковска.

Дескоска: Изјавата на Мицкоски е крик на немоќ и на фрустрација

Министерката за правда, Рената Дескоска по обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека таа е пречка што законот за јавно обвинителство не е донесен, му порача да си погледне во сопствениот двор и да се праша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот.

Според неа, вчерашната изјава на Мицкоски е крик на немоќ, крик на фрустрација, бидејќи вистинската намера на нивните позиции во однос на законот за јавно обвинителство е разобличена.

„Интересно, формалниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ме обвини дека јас сум пречка што Законот за јавно обвинителство не е донесен. Лошо е ако Мицкоски има искривена перцепција за реалноста и не знае да ја оцени вистинската состојба на разговорите за законот, ако не е свесен кои се црвените линии за правда и владеење на правото чие почитување го бараат граѓаните, но и меѓународната заедница. Исто така е лошо и ако е свесен за тоа, но не ја зборува вистината, па намерно шири лажни вести. Му порачувам да си погледне во сопствениот двор и да се запраша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот. Неговата изјава е крик на немоќ, крик на фрустрација дека вистинската намера на нивните позиции во однос на Законот за јавно обвинителство е разобличена и дека барања за заштита на криминалот и амнестија на криминалците нема да поминат“, напиша министерката на својот профил на „Фејсбук“.

Таа посочува дека се додека истакнуваат барања кои значат рушење на правната држава и амнестија за криминалот – тие барања нема да поминат.

„И тоа не е само мој став. Тоа е став и на СДСМ, тоа е став и на нашите граѓани. Јас тој став, како министер за правда го застапувам досега и ќе продолжам да го застапувам и понатаму“, пишува Десковска.

Сепак, во интерес на вистината, како што посочува таа, „ морам да кажам дека целиот наш четворочлен тим е апсолутно обединет во бранењето на црвените линии – правда и правна држава, што ја прави мојата позиција како водач на тимот многу комотна“.

„И на крајот: Мицкоски, размислете добро уште еднаш дали вреди интересите на Вашиот лидер зад сцената да ги ставате пред интересите на граѓаните, пред исполнување на нивната потреба за правда и правичност и желбата за евроинтеграција! Времето истекува. На Вас останува каква улога ќе одиграте – улога на лидер или улога на марионета“, пишува министерката за правда.