Финале: Кој ќе победи на Евросонг 2021?


Вечерва од 21 часот во арената Ахој во Ротердам е завршницата на годинешниот Евросонг- со финалето на кое ќе настапат 26 земји, а ќе можат да гласаат сите учесници односно 39 земји. Македонскиот претставник Васил Гарванлиев  и покрај својот одличен, сигурен, мошне емотивен настап со „Here I Stand“ не обезбеди влез за големата вечер, ама сите наши соседи успеаја. Од ексЈу не се пласираа ниту Хрватска ниту Словенија.

Пласман во финалето од втората полуфинална вечер обезбедија Албанија, Србија, Бугарија, Молдавија, Португалија, Исланд, Сан Марино, Швајцарија, Грција и Финска, а од првата полуфинална вечер- Норвешка, Израел, Русија, Азербејџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија и Украина. Директен пласман во финалето покрај домаќинот Холандија имаат Франција, Италија, Германија, Шпанија и Велика Британија.

Како специјални гости на финалната вечер на 65. Евровизија ќе настапат шест легендарни поранешни победници : Лени Кур (1969), Teach-In (со Гети Касперс, 1975), Сандра Ким (1986), Хелена Папаризу (2005), Лорди (2006) и Монс Зелмерлов (2015). Тие ќе ја изведат својата песна од три уникатни локации во центарот на  Ротердам- Покривите на Маасило, Хотел Њујорк и Депото Бојманс Ван Беунинген .

Победникот на Евросонг во 2019 година Холанѓанецот Данкан Лоренс беше позитивен на Ковид-19 и нема да пее во живо вечерва на финалната вечер во арената Ахој. Лоренс, кој победи за Холандија со својата песна „Аркада“ во Тел Авив пред две години, требаше да настапи пред  3.500 –та публика.

Холандија по петти пат е домаќин на Евровизија по 1958, 1970, 1976 и 1980 година.

Според сегашните податоци на обложувалниците, најголем фаворит за победа е Италија и нејзиниот претставник – групата „Манескин“ со песната „Ziti e buoni“. Првите три фаворити се Италија со 22 отсто, Франција со 20 и Малта со 12 отсто.

До неодамна, Малта беше најголем фаворит за победа, но состојбата се смени по првата проба, кога нивниот претставник доби лоши критики за костумите и перформансите.

На четвртото место е Исланд, а следуваат Кипар, Бугарија, Швајцарија, Украина, Литванија, Грција, Русија, Шведска, Финска, Сан Марино и Норвешка.

Фото: ЕБУ