„Филмски великани“ – нова книга на Сунчица Уневска


Филмската критичарка и новинарка Сунчица Уневска ја објави својата нова книга насловена  „Филмски великани“. Станува збор за книга посветена на филмот, низ ексклузивните разговори со некои од најзначајните филмски автори на денешнината, кои оставија силен печат во светската кинематографија во 20 и на почетокот на 21 век.

Оваа единствена книга од областа на филмот кај нас, донесува интервјуа со 56 култни филмски автори и актери од целиот свет.

-Интервјуата се работени во текот на изминатите 25 години ширум светот и интересно е дека со некои од овие уникатни автори, тоа се воопшто нивни последни интервјуа што ги направиле пред да починат. Уневска најголем дел од овие интервјуа ги има направено на филмските фестивали низ светот, каде што беше присутна како новинарка, како филмска критичарка, а често и како член на жирија преку Светската федерација на филмски критичари, „Фипресци“, во која таа членува веќе 20 години. Но, еден дел од интервјуата се работени и во Македонија, а секако во книгата има и избор од неколку македонски автори и актери, се вели во прилогот за книгата.

Во „Филмски великани“ се вклучени авторот на новиот германски филм Вим Вендерс, легендите на иранскиот филм Абас Киаростами, Мохсен Макмалбаф, Џафар Панахи, култниот американски режисер Абел Ферара, уникатниот Ерменец Атом Егојан, најоригиналниот израелски автор Амос Гитаи, полската режисерка Агњешка Холанд, палестинскиот автор Елија Сулејман, ветеранот на романскиот филм Лучијан Пинтилие, британскиот филмаџија Питер Гринавеј, култниот француски режисер Клод Лелуш, турскиот филмски поет Нури Билге Џејлан и уште многу други великани кои оставија и оставаат неизбришлива трага во времето, која секогаш одново го преиспитува значењето и суштината на филмските слики.

Исто така, во книгата е вклучено и последното интервју со црногорски автор Живко Николиќ, потоа разговорите со припадниците на Прашката школа, Срѓан Карановиќ и Рајко Грлиќ, но и македонските автори и актери: Милчо Манчевски, Иво Трајков, Дарко Митревски, Антонио Митриќески, Синоличка Трпкова, и  сценаристката и режисерка Елеонора Венинова.

-Да се направи интервју не е, воопшто, едноставно како што изгледа. Или подобро да речам дека зависи што очекувате и зошто го правите интервјуто. Да се направи интервју со автори кои имаат и умеат да го доловат својот посебен свет со кој е проникнато нивното битие, не е лесно. За мене интервјуто е влегување и осознавање на нивниот свет со целата специфика што ја носи, со целата филозофија на живеењето, со откривањето на посебностите на потеклото, на идеите, на поминувањето на границите, на пристапот што ги прави поинакви, но и универзални, истакнува Уневска во својот вовед во книгата.

Книгата е поддржана од Министерството за култура, но нејзината промоција засега е одложена поради целата состојба со пандемијата, стои во соопштението.