Филмски мултимедијален едиторијал на модниот дизајнер Папаз за колекцијата „Три“


Ангела Ѓоргиева, Бојана Нушкова, Евгенија Ризова, Маја Андоновска Илијевски и Катерина Кузмановска се петте дами во филмскиот мултимедијален едиторијал за колекцијата Три на модниот дизајнер Папаз кој ја презентираше во Босна и Херцеговина.

„Оваа колекција претставува симбиоза на стилови од западни и источни култури, претопени во модна силуета адаптирана на нашето поднебје. Изобилува со елеганција и носливост, вбројува блузони и капути со кимоно и ранглан ракави, здолништа и панталони во широк крој и вечерни фустани. Токму овие пет дами ги избрав да бидат дел од овој мултимедијален едиторијал со една цел а тоа е моќно да ја пренесат пораката“ вели модниот дизајнер Папаз.

За проектот работеше тим од професионалци, во режија на Батухан Ибраим, директор на фотографија Стефан Ѓоргиевски, музичката подлога е на Димитар Андоновски. Фотограф на проектот е Петар Тасевски, асистент на продукција, Александра Гатовска, додека асистент на камера Александар Котевски, за светлото се погрижи Никола Ѓоргиевски. За изгледот задолжение беа Ксенија Вангеловска шминката и Ајтен Алиевска за фризурата.

„Целиот едиторијал се снимаше и фотографираше во НУ Народен театар Битола, и би сакал да изразам благодарност до нив, како и до НУ Центар за култура-Битола, ФДУ Скопје и Горан Трпчевски“, додава Папаз.


Папаз колекцијата есен-зима ‘19/’20 ja претстави преку проектот „Europa Fashion Passport“ наменет за 30 модни дизајнери и нивно вмрежување на земјите од централна и источна Европа во Сараево, Босна изминатиот месец.