Филмови од приватната збирка на Милчо Манчевски во Кинотека


Кинотеката на Северна Македонија по повод Светскиот ден на аудиовизелно наследство ќе прикажува филмови од приватната збирка на режисерот Милчо Манчевски. Филмовите на 35мм лента и во ДЦП формат беа донесени од Њујорк во Скопје, и ќе останат на трајно чување во филмските депоа на Кинотеката.

Меѓу филмовите се наоѓаат и 35мм копии на сите играни филмови на Манчевски, а ќе бидат прикажани во текот на месец ноември во киносалата на Кинотеката. На 2 ноември ќе има проекција на копијата од БИКИНИ МУН (2017), на 3 ноември на МАЈКИ (2010), на 12 ноември ќе може да се погледне СЕНКИ (2007), а на 15 ноември ПРАШИНА (2001).

По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, Манчевски ќе ги отстапи на чување и користење овие филмови на Кинотеката. Заради презафатеност овие денови, и премиерните прикажувања на неговиот најнов игран филм ВРБА на филмскиот фестивал во Рим и македонската премиера која предстои на почетокот на ноември, режисерот Манчевски се уште не може да го прецизира точниот датум на неговото гостување во Кинотека. За тоа, како што инфорнираат од Кинотеката на РСМ, навремено ќе ја известат јавноста, но, во секој случај, вела, ќе гостувањето ќе биде околу 10 ноември.

Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA – Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations) и осум други сродни меѓунарони организации (меѓу кои и ФИАФ, каде членува Кинотеката на РСМ), а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното налседство за идните генерации.

Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки итн.) од цел свет во периодот околу 27 октомври на различни начини го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн, со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на овие материјали и нивното значење за колективната меморија.

Мотото на годинашното одбележување е „Вклучи го минатото преку слика и тон“, што во слободна интерпретација би значело сето она што во минатото е впишано, снимено, забележано на аудиовизуелен медиум, што се чува во архивите, збирките, музеите, да се употреби, примени, вклучи во сегашноста и секојдневното живеење, истакнуваат од Кинотеката на РСМ.