Филмот „Тука сум“ на Стефан Божиновски предизвика дискусија против стереотипите во општеството


Филмот „Тука сум“ на младиот автор Стефан Божиновски, кој говори за неприфаќањето на различностите и стереотипите, предизвика внимание кај средношколците кои учествуваат на фестивалот „Џифони Македонија“.

Во киното „Фросина“ тие дебатираа за различностите и стереотипите што владеат, посебно во самите семејства каде има лице со различна сексуална определба. Главните улоги во филмот, чија премиера се случи минатата недела, ги толкуваат Тања Кочовска, Предраг Павловски и Мартин Ѓоргиев.

-Сакам да комбинирам различни медиуми во моите дела. Сценариото за „Тука сум“ го развивав една година, во рамки на проект и за среќа успеавме да најдеме средства за да го снимиме. Со филмот сакав да зборувам за проблематика која во нашето општество е табу. Прикажана е општа архетипска приказна во која мислам дека секој ќе се најде. Филмот е снимен во два дена. Беше прекрасно искуството да се работи со професионални актери, рече Божиновски.

Во рамки на „Џифони Македонија“ остварен е и разговор со претставници на „Марви продакшн“, продукциска куќа на ентузијасти кои во последните неколку години снимаат филмови и серии. Тимот го предводи младиот режисер Мартин Чичовски, кој заедно со Оливера Каменаровска зборуваше за нивниот последен проект „Другата страна“ . Станува збор за филм наменет за деца.

-Снимањето на овој филм беше интересно искуство, пред сè зашто сценариото го пишувавме заедно онлајн, во време кога Оливера се наоѓаше во друга временска зона. Филмот моравме да го снимаме за еден месец, наместо за три, зашто пандемијата си го направи своето. Идејата на филмот е да се зборува за тоа дека децата треба да се среќни,раскажаа Мартин и Оливера.

Тие потсетија и на нивната серија „Тремор“ на која работат скоро три години, а ќе започне да се прикажува во мај 2022.

-Сè започна овде на „Џифони“ во 2017 година. Сите сакаме странски ТВ-серии, но ние решивме да снимиме нешто македонско со наши македонски приказни. Се мачевме за финансии, но во еден момент ни помогна Делегацијата на ЕУ во Скопје, со проектот „ЕУ за тебе“ и тоа ја олесна работата. Сè уште снимаме „Тремор“, вели Мартин.

На третиот ден од Фестивалот учесниците го гледаа вториот игран филм во натпреварувачка категорија, како и кратки и анимирани филмови, а на работилниците продолжија да работат на годинашните проекти.

На програмата денес се кратки и долгометражни филмови и работилници. Во попладневните часови ќе се прикаже краткиот филм „The Cell“ на Леона Јариќ, активна учесничка на Џифони. Режисерката Ана Андонова ќе гостува со филмот „Лили“, документарец за животот на азербејџанскиот небинарен квир артивист Лили, кој преку својата уметност зборува за фемицид, родова еднаквост и насилство врз жените и транс лицата. Како дел од програмата „Џифони плус“, во Кинотеката во 19 часот ќе биде прикажан филмот „Cocoon“ во режија на Леоние Крипендорф.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.