Филмот „Отворена врата“ во македонска копродукција е кандидат за Оскар на Албанија

Играниот филм „Отворена врата“ – деби на младиот албански режисер Флоренц Папас, во кој Северна Македонија учествува како копродуцент, е кандидат за Оскар на Албанија во категоријата за најдобар странски филм.

Филмот е во продукција на „Бункер филм+“ од Албанија, а копродуценти се „Сиркл филм“ од Косово, „Лупин филм“ од Италија и „Авард филм и видео“ од Северна Македонија, а со поддршка и на Еуримаж.

„Отворена врата“ се снимаше во Албанија во 2018. Приказна е за мажена жена и нејзината бремена сестра кои се обидуваат да најдат маж за да глуми нејзин сопруг пред средбата со нивниот, строг традиционален татко.

Покрај продуцентите Горан Стојилковиќ и Владимир Стојчевски, од македонска страна во проектот учествуваат и актерот Висар Вишка, композиторот Александар Пејовски, Фејми Даут, како прв асистент на камера, дизајнерот на звук Игор Поповски од студиото „Аудиохаус“, заедно со целосната екипа на секторот звук составена од Ристо Алчинов, Илија Цветковски, Драган Спасов, Ненад Стефаноски и Леотрим Вока.

Светската премиера на филмот беше минатата година во Главната програма на Сараевскиот фестивал, а македонската премиера беше на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Филмот беше прикажан и на петнаесетина значајни фестивали низ светот.