Филмот на Ахмети во киното „Милениум“


Фото: Б. Грданоски

Скромно, без многу помпа, Демократската унија за интеграција, помалиот владин коалициски партнер, во киното „Милениум“ во Градскиот трговски центар ја одбележа 17-годишнината од основањето на партијата. Лидерот Али Ахмети пред партиските колеги го „прожектираше“ сопствениот филм за големите успеси на политичкиот субјект кој произлезе од униформите на ОНА (го почна воениот конфликт во 2001 година) и се претвори во константа на македонската политичка сцена создавајќи впечаток во јавноста дека без него не се може.

„Пред 17 години сите заедно се приклучивме од Струга до Куманово за да почнеме една мисија за потребите на Албанците. Денеска, по 17 години, горди сме на постигнувањата. Се организиравме и мобилизиравме за да ги имплементираме нашите политики. На Албанците им беше негирано секое право и беа граѓани од втор ред. Постигнавме соодветна застапеност за секого“, рече Ахмети во речиси получасовниот говор.

ДУИ е формирана 2002 година во Тетово, три месеци пред одржувањето на парламентарните избори. На тие избори освои 12 отсто од гласовите, околу 55 отсто од албанскиот електорат, со што веднаш се промовираше во најсилна партија меѓу партиите на етничките Албанци. По изборите, формираше владина коалиција со СДСМ, нејзиниот поприроден партнер по идеолошка основа. На изборите во 2006 година ДУИ повторно победува, но тогашниот мандатар Никола Груевски одлучи во владината коалиција за свој иден партнер да го вклучи својот традиционален партнер ДПА, со незаменливиот Мендух Тачи. Две години подоцна по предвремените парламентарни избори во 2008 година ДУИ, сепак, влегува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се притоа на фамозниот мајски договор кој претпоставува дека идните коалиции на извршната власт мора да се формираат првенствено меѓу партијата победник од македонскиот блок со партијата победник од албанскиот блок.

И на изборите во 2011 година ДУИ освои убедлива победа со над 10 отсто освоени гласови и остана во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Четири години подоцна незаконските прислушувани материјали, т.н. „бомби“, кои во јавноста ги обелодени тогаш неформалниот лидер на опозицијата, а сега премиер, Зоран Заев, направија невиден потрес на политичката сцена. Бомбите ја „испокршија“ и порцеланската надворешност на ДУИ и го соголија братското криминалното владеење со ВМРО-ДПМНЕ во декадата во која државата се движеше во рикверц. Тоа беше и една од причините за дебаклот на партијата на последните парламентарни избори во 2016 година кога освои само 7,8 отсто од гласовите, по што решава да го прекине принципот „победник со победник“ и да партиципира со коалицијата на стариот познат политички пријател СДСМ.

За каков пад станува збор, говорат бројките. Имено, ако при сопствената политичка промоција во 2002 година ДУИ освои 145.000 гласа (а во 2014 ги достигна рекордните 153.000 гласа), во 2016 година освои само 86.000, со што нивната пратеничка група се преполови на скромни десет пратеници. Но и покрај тоа „малолетниците“ со веќе солидно политичко искуство предводени од политичкиот лидер со најдолг стаж од поголемите политички партии, повторно и повторно се факторизираат од губитник во централна фигура која ексклузивно ги застапува правата на Албанците.

Во меѓувреме, демократската јавност ја облеа пот кога увиде дека политичките првенци на ДУИ се поштедени од „бомбашкиот напад“. СЈО, сепак, фрли коска  отворајќи случаи за координаторот на пратеничката група Ејуп Алими, кој е обвинет во „Титаник 3“ за изборни манипулации. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, заедно со експремиерот и азилант Никола Груевски е осомничен во истрагата „Попис“, а вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи е осомничен во истрагата „Пациент“. Но јавноста не е убедена дека овие судски случаи ќе имаат фер и правичен епилог.

„Многу беа оние што измислуваа лаги создавајќи лажни вести секој ден за да му наштетат на ДУИ, но секоја таква вест ја прави партијата уште посилна. Слободно нека се отвори истрага за нас од 2002 година па наваму“, рече Ахмети откако го изгледа краткиот спот во кој младите активисти на партијата зборуваа за остварените успеси – од отворањето на неколку универзитети на албански јазик во неколку града, до изградба на патишта во западниот дел од земјата. Спотот внимателно го следеше не од првиот ред туку од централниот дел на киното „Милениум“ од каде што има најдобар поглед кон платното. До него седеше потесното партиско раководство – Теута Арифи, Невзет Бејта, Садула Дураки… но и ексвицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, поттурнатиот во заднина Муса Џафери.

Меѓу двата круга од претседателските избори, кога постоеше оправдан страв за цензусот, повторно се појавија сомнежите дека ДУИ игра на два колосека, дека таа сè повеќе и штети на Владата. На бранот и на контроверзното (не)одземање на имунитетот на поранешниот собраниски претседател Трајко Вељаноски, слушнавме и од бивши партиски функционери на СДСМ сугестии до премиерот да „расчисти со ДУИ“. Во деновите кога се прават последните договори околу реконструкцијата на Владата, Заев убедува дека коалициските односи се на ниво. И Ахмети, барем јавно, не покажува знаци дека постојат проблеми. Тој вчера потсети на „ветингот“, проектот кој ДУИ го промовира како политички пандан на „метлата“ на Заев.

Неговата партија е горда што од почетокот на политичката криза во земјата одиграла конструктивна улога со цел, како што велат, да се врати стабилноста и безбедноста во земјата и што работела со голема посветеност во спроведувањето на структурни реформи, но и во насока на договорот со Грција.

„Наскоро ќе добиеме датум за преговори со ЕУ. Ние припаѓаме на Европа. Тоа е волјата на сите граѓани. Работевме напорно и посветено за овој момент, кој ќе донесе мир, безбедност и економски просперитет“, рече Ахмети. (Н.К. – А.М.)

Ахмети не ги слуша Бомбите на Ел Чека

Партијата сега е мета на нов „бомбашки“ напад од преку океанот, од т.н. Ел Чека од Чикаго, кој секојдневно испраќа освен аудио и пишани заканувачки пораки. Ахмети не ги слушал прислушуваните материјали, ги смета за „утринска слана која бргу ќе исчезне“, ама реши да зборува за нив на роденденот на партијата.

„Не ги слушнав прислушуваните материјали ниту, пак, ќе ги слушнам. Таму не се објавуваат официјални туку приватни разговори, залудни работи. Тоа се прислушувани разговори кои се продаваат на Бит-пазар. Тоа е утринска слана која бргу ќе исчезне. Луѓето не треба да се занимаваат со вакви глупости. Патот што го избрале другите партии не ги води никаде. Со овие клевети ДУИ ќе живее уште 100 години бидејќи противниците не се достојни“, рече Ахмети нагласувајќи дека судството треба да се справи со случајот и дека оваа држава има потреба за правда и не треба да се молчи пред овие работи.

Збогум на симболите

„Симболите, јазикот, правична застапеност се завршени теми. Сега се отвора страница за владеењето на правото, транспарентност и во партијата и во извршната власт. Потребна е бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. ‘Ветингот’ треба да биде прифатен од сите. Тој треба да се спроведе врз оние што ќе прифатат да извршуваат функции, но исто така и за сите оние што веќе извршиле државна функција“, порача Ахмети.