Филм индастри воч тврди дека Манчевски е жртва на политички прогон
Додека трае истрагата на Основното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција за финансиското работење на продуцентската куќа „Банана филм“ на Милчо Манчевски, истата продуцентска куќа испрати до јавноста текст од Меѓународната организација Филм индастри воч (Film Industry Watch), „која со новинарски и академски средства се бори да ги заштити активните филмски работници од секакви видови злоставување“, кој повикува „да запре политичкиот прогон против Милчо Манчевски“.
Во текстот, меѓу другото, се вели: „Проблемите почнаа кога Манчевски ги пријави Агенцијата за филм на Република Македонија и Друштвото на филмски работници (ДФРМ) за корупција. Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија и Транспаренси Интернешнл го потврдија она што го кажа Манчевски. Како одмазда, политичкиот систем ги блокираше неговите проекти (веќе завршениот ‘Кајмак’ и ‘Збогум, Копакабано’, новиот филм кој веќе доби поддршка од владите на три земји), започна кампања за оцрнување во провладините медиуми (‘Педофил’, ‘Криминалец’) и поднесе измислена кривична пријава (побиена од сопствената инспекција на Министерството за култура). Ова е студија на случај за политички прогон на истакнат свиркач (укажувач) кој пријавил корупција на највисоките нивоа на власта“.
Текстот понатаму ги цитира реномираниот Филмски фестивал во Венеција, здруженијата на филмски работници на Италија, како и Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ и Македонската секција на ФИПРЕСЦИ. Сите тие уште минатата година изразија поддршка за Манчевски, повикувајќи да запре политичката репресија против него која е предизвикана од фактот дека тој пријавил корупција во Агенцијата за филм и во ДФРМ.
Управата за финансиска полиција постапува по пријавата од Министерството за култура за сомнежите околу нерегуларности при трансакциите на буџетските средства наменети за одредени проекти на продуцентската куќа „Банана филм“ на Милчо Манчевски, и за тоа го известила Основното јавно обвинителство.
По извршениот вонреден инспекциски надзор на Министерството за култура, за проектите „Мајки“ и „Врба“ на „Банана филм“, кога се констатирани нелогичности во однос на ангажирање на продукцијата „Милкман“ од Њујорк и префрлување средства на оваа куќа, предметот е упатен на натамошно постапување на Финансиската полиција.
Севкупната документација за овие предмети на „Банана филм“ , УФП ја побарала од Агенцијата за филм во јули минатата година и до денес се води истрага.
За предметот за финансиското работење на „Банана филм“ што се однесува на потрошени 950.000 евра, за кои не е доставен извештај во Агенцијата за филм, како и трансакциите на оваа продукција кои ги насочувала кон Њујорк, САД, известени се сите надлежни инстанци, како и Државната комисија за спречување корупција.
Случајот добива нов тек во мај, годинава, кога новиот директор на Агенцијата за филм, Владимир Ангелов, потпишува решение со кое го огласува за ништовно претходно донесеното решение на претходниот директор на Агенцијата за прекинување на натамошното финансирање на проектите „Кајмак“ и „Биста“ на продуцентската куќа „Банана филм“ на Милчо Манчевски. Тој за Нова ТВ изјави дека го откочил финансирањето на работата на режисерот и продуцент Манчевски бидејќи сето ова е незаконска конструкција кон него и на овој начин ја спасил нашата држава од меѓународните резили што ги трпела.
…Се надевам дека оваа моја одлука, т.е. откочувањето на процесот ќе придонесе извештајот на Европската комисија за (напредокот т.е. во случајов уназадувањето на) Република Северна Македонија, во кој беше планирано да биде вклучен и случајот со незаконското спречување на работата на режисерот Манчевски ќе биде малку ублажен со констатација дека проблемот започнал да се решава“, изјави Ангелов во јуни, за Нова ТВ.
Најтрофејниот македонски режисер Манчевски ја доби титулата Амбасадор на културата на Република Македонија во 2007, а во 2012 година е прогласен за Национален уметник на Република Македонија. (Л.С.)