Филков: Министерството за правда работи на измени во Кривичниот законик
Министерот за правда Игор Филков најавува дека Министерството за правда наскоро ќе излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое, како што нагласува, треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.
-Дефиницијата на кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластувања“ е од суштинско значење за функционирањето на правосудниот систем, но, исто така, и за борбата против корупцијата и злоупотребата на јавните функции. Согласен сум дека сегашниот опис на ова кривично дело може да создаде прашања во однос на примената, особено кога станува збор за неговата широкоприменливост и потенцијалoт за злоупотреба во контекст на политички мотивирани постапки, вели Филков во интервју за Плусинфо.
Според него, она што е клучно е да се обезбеди јасна и прецизна дефиниција, која не само што ќе ја одреди злоупотребата на службената положба, туку и ќе ги минимизира ризиците за нејзината злоупотреба за политички или други неосновани цели. Токму затоа, нагласува, важно е да се направи разграничување помеѓу реалните кривични дела и нормите кои се користат за да се изврши недозволен притисок врз поединци.
-Како решение за ова прашање, Министерството за правда работи на кратко законско решение за измени во Кривичниот законик, со коi треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година. Тенденцијата е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика, преку зголемување на постојните казни за кривичните дела „ злоупотреба на службена положба и овластувања“. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на некои нови кривични дела кои се резултата на современото општество и технологија. Но за тоа многу скоро ке се излезе со целосно оформено законско решение пред Владата на РСМ”, вели министерот за правда.
Во однос на новиот Кривичен законик, Филков очекува тој да биде донесен во 2025 година.
-Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23. Новиот Кривичен законик треба да биде усогласен со европските политики во сферата на борбата со организираниот криминал и корупцијата. Целото наше законодавството ќе биде усогласено со важечките директиви и меѓународни конвенции, за што неопходно е обезбедување на позитивно мислење од Европската комисија, вели тој во интервјуто.
Што се однесува до новините кои би можеле да се очекуваат во Кривичниот законик, министерот за правда нагласува дека тоа ќе бидат промени кои ќе ги модернизираат и унапредат постоечките процедури, како и појаснување и детално регулирање на одредени кривични дела.
-Едно од клучните прашања е унапредување на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, што е во согласност со напорите за борба против корупцијата и организираниот криминал. Дополнително, има нови кривични дела кои се однесуваат на финансиските кривични дела, вклучувајќи пракса на конфискација на имот стекнат со кривични дела, што ќе придонесе за поголема ефективност на борбата против корупцијата и организираниот криминал. Исто така, треба да се нагласи дека новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица”, потенцира министерот за правда, Игор Филков.