Филков до СДСМ: Не носиме закони во интерес на „фамилии“ и по налог на штабови


 

СДСМ е последна партија што има право да зборува за реформи во правосудството. Од страна на СДСМ денес повторно слушнавме празна политичка реторика, препакувана во обвинувања кои немаат никаква врска со реалноста. Иронично е токму партијата која со децении го партизираше правосудството – и преку инсталирани кадри, и преку клиентелизам, и преку селективна правда – денес да се претставува како борец за реформи.

Наводите за „доцнење“ се целосно неточни. Напротив – реформската агенда се реализира согласно планираната динамика, а дел од законите веќе се на ЕНЕР, во фаза на јавна консултација. Министерството за правда не носи закони набрзина во интерес на поединци, одредени фамилии или интересни групи ниту  по налог на партиски штабови. Предлог законите се подготвуваа   преку сериозна анализа, консултација со експерти и усогласување со меѓународните стандарди, порача Филков. 

Според него, Министерството за правда, во координација со Владата, интензивно работи на имплементација на реформската агенда и стратегијата за правосудството (2024–2027).

„Сите реформски закони кои се подготвуваат се темелни, инклузивни и усогласени со препораките од ЕУ . Закони не се носат за пи-ар ефект, туку за системска промена, нешто што СДСМ очигледно не го научи иако имаше  шанса. Во врска со законите за Јавното обвинителство, Судскиот совет,судската служба , платите на јавните обвинители, тие веќе се ставени на ЕНЕР, и истите се во финална процедура. Во план и подготовка се и:

  • Предлог Законот за судски буџет
  • Предлог Законот за Советот на јавни обвинители
  • Предлог Законот за јавнообвинителска служба
  • Измени на Изборниот закониксо поддршка на ОДИХР.
  • Закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската служба
  • Закон за помилување
  • Закон за вештачење
  • Закон за нотаријат
  • Закон за извршување
  • Закон за пробација
  • Закон за извршување на санкции
  • Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка
  • Закон за заштита на лични податоци

Во однос на Изборниот законик Министерството за правда ги започна подготовките, но без поддршка од политичките чинители и без консензус, неговото донесување не може да се реализира. Ќе следат разговори на политичките субјекти, информираше Филков.

Тој твтди дека за првпат има сериозен пристап во кој се вклучени сите чинители – експерти, меѓународни партнери и граѓанскиот сектор.

„Што се однесува до наводната конструктивност на СДСМ – таа завршува онаму каде што почнува лицемерието. Ако навистина имаат конструктивни предлози, ќе ги достават во време и со добра намера, а не ќе ги користат како алатка за прес-конференциски спинови.Нам , што немаме резервна држава, ниту златни визи, целта ни е да направиме трајна и праведна реформа затоа што Македонија е се што имаме. Го повикувам СДСМ наместо со демагогија да се позанимаваат со давање на искрени одговори -како се набавуваат златни визи и колку истите чинат!“- возврати Филков на обвинувањата од СДСМ претходно околу доцнењето на законите за судскиот систем.

 Според СДСМ,  речиси по една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Македонија е далеку од правна држава – ниту има правда, ниту правна држава.

„Партизирани институции, селективна правда, отсуство на владеење на правото. Ова  е вистинското лице на Владата на ВМРО ДПМНЕ, која создава систем само по нивна мерка и нема однос спрема реалните општествени потреби.Она што ДПМНЕ го вети како втор столб во владината програма, денес го нема. Наместо програмските ветувања, сведочиме на задоволување на лични и партиски интереси.Владата на ДПМНЕ за речиси една година не исполни апсолутно ништо од ветувањата за системски решенија. Не исполни ништо за нивната таканаречена трансформација на правосудните органи во независни, транспарентни и ефикасни субјекти. Наместо реформи и систем во функција на граѓаните државата се соочува со ретроградност и застој, исто како во времето на заробените институции. Знаеме сите дека ова не е систем, туку е чиста партиска злоупотреба.
 
Власта и понатаму се обидува да има главна улога и влијание во правосудството и да го држи во партиски стеги.За тоа сведочи фактот дека упорно и свесно се доцни со спроведувањето на активностите од реформската агенда и секторската развојна стратегија за правосудство (2024-2027), каде што се предвидени јасни чекори, прецизни рокови и конкретни пари од ЕУ преку Планот за раст. Само за потсетување, до јуни 2025 година, согласно реформската агенда, треба да бидат донесени следниве законски измени:
 
-Закони кои ги регулираат платите на судиите, обвинителите, судската и обвинителската служба – за што ЕУ предвидува над 2 милиони евра.
 
– Нов закон за Судски совет во кој ќе бидат инкорпорирани препораките на Оценската мисија – за кој се предвидени се над 6 милиони евра.
 
-Измени во Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, за предвидени над 4 милиони евра, итн.
 
Овие закони не се само техничка работа – тие се суштински за градење на независно судство, за функционална демократија, за фер избори.
Особен проблем е однесувањето на министерот за правда, Игор Филков, кој се чини дека тенденциозно го минира процесот. Од предвидените реформски закони, Министерството за правда, стави само 4 на ЕНЕР, а тие допрва треба да ги усвои Владата, па да достават и до Собранието. Зошто министерот Филков толку го одолговлекува реформскиот процес, иако рокот е до јуни?-прашуваат од СДСМ.