Филиповска Грашковска: Инспекциските служби ќе продолжат да функционираат со полн капацитет

Инспекциските служби кои вршат надзор и контрола на почитувањето на одлуките кои ги носи Владата ќе продолжат со редовни и интензивни контроли на терен и изрекување санкции онаму каде што ќе се констатира непочитување на здравствените протоколи. Очекуваме дека ќе се подигне колективната свест и дека преку почитување на мерките за заштита на јавното здравје сите заеднички ќе придонесеме за намалување на ширењето на коронавирусот, порача денеска претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашковска.

-Инспекциските служби ќе продолжат да функционираат со полн капацитет за заштита на населението од ширење на овој опасен вирус, но и за заштита на правата на секој граѓанин. Нашата цел е да помогнеме во зачувувањето на јавното здравје и да придонесеме кон обезбедувањето на функционалноста на целиот систем. Секое непочитување на законите и протоколите за заштита од ширењето на коронавирусот ќе биде соодветно и неселективно санкционирано, рече Филиповска Грашковска на денешната прес-конференција во Владата.

Таа посочи дека во периодот од 12 до 18 октомври инспекциските служби извршија вкупно 2183 контроли.

-Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршија 1180 контроли, од кои 538 се инспекциски надзори спроведени согласно материјалните закони по коишто постапува оваа инспекција, а дополнително извршени се уште 642 контроли по основ на здравствените протоколи, особено протоколот за работа на угостителските објекти. При овие надзори изречени се 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност или пречекорување на работно време и други основи.Поднесени се седум кривични пријави за угостителски објекти, од кои две кривични пријави се однесуваат за организирање свадба во Тетово и во Скопје и уште пет кривични пријави за угостителски објекти во Скопје кои не ги почитувале протоколите во смисла на дозволено растојание меѓу масите, бројот на маси во локалот, рече таа.

Дополнително, додаде, од страна на пазарните инспектори изречени се и 52 решенија и 76 прекршочни платни налози за различни субјекти на територијата на целата држава.

-ДЗСИ покрај активностите поврзани со издавање на вкупно 5243 решенија за изолација на заболени лица и лица коишто биле во контакт со заболено лице дополнително спроведе  уште 116 инспекциски надзори во приватни и јавни здравствени установи, домови за стари лица и други правни субјекти од нивна надлежност во врска со почитувањето на протоколите за заштита на медицинскиот персонал и за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот при што се донесени 13 решенија за констатирани неправилности, посочи Филиповска Грашковска.

Државниот инспекторат за труд, како што кажа, изврши вкупно 395 инспекциски надзори кај работодавачи пред се врз основа на Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа, како и врз основа на протоколите за заштита на вработените од коронавирусот.

-При овие надзори од страна на трудовите инспектори изречени се 23 решенија за работодавачи во повеќе градови низ државата за отстранување на утврдените недостатоци во однос на начин на исплата на плата, работното време и безбедност и здравјето при работа на вработените, рече Филиповска Грашковска.

АХВ,додаде, спроведе вкупно 355 надзори во повеќе градови низ државата во различни видови на субјекти, како што се маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и зелени пазари при што најчесто констатирани недостатоци се неизвршени здравствени прегледи на персоналот, неводење записи за добра хигиенска пракса, неспроведување општи хигиенски мерки, нерегистрирани објекти и небезбеден производ пуштен во продажба поради што се донесени пет решенија, еден прекршочен платен налог и извршени се 33 едукации.

-Државниот инспекторат за транспорт изврши 82 инспекциски надзори и за утврдените неправилности поднесе три кривични пријави. Две кривични пријави се за непочитување на протоколот за вршење на меѓународен превоз на патници на граничен премин Деве Баир и една кривична пријава во Штип за непочитување на протокол за вршење на меѓуградски превоз на патници. Дополнително за непочитување на материјалните закони од страна на овој Инспекторат изречени се уште седум прекршочни пријави и пет решенија, потенцира претседателката на Инспекцискиот совет.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, прецизира, изврши вкупно 55 надзори врз 55 аптеки, од кои 26 аптеки се во Скопје, 10 во Куманово, 11 во Струмица, две аптеки во Охрид и шест во Кавадарци при што не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.

Во одговор на прашање, Филиповска Грашковска посочи дека и по донесувањето на одлуката за ограничување на работното време на угостителските објекти до 23 часот, инспекциските служби ќе имаат капацитет да ги проверуваат објектите дали работат согласно протоколите и мерките.

-Досега угостителските објекти можеа да работат и подоцна од 23 часот и сепак стасувавме да се проверат сите објекти каде имаше потреба тоа да се направи. Не гледам причина зошто тоа не би можеле сега да го направиме со оглед дека работното време ќе биде пократко. Предизвици има постојано но верувам дека колегите ќе се справат со нив, рече Филиповска Грашковска и додаде дека досегашната соработка со другите институции ќе продолжи и понатаму.